Аеродром Тампа: Објавата за забрана на носење пижами во терминалот беше шега
- Аеродромот претходно на својот X профил напиша дека „виделе доволно пижами“ откако упати апел до патниците да престанат да носат чевли од марката КРОКС
Вашингтон, 27 февруари 2026 (МИА) - Меѓународниот аеродром во Тампа на Флорида соопшти дека претходната објава на социјалните мрежи за забрана на носење пижами во терминалот не била сериозна, туку шега. Аеродромот претходно на својот X профил напиша дека „виделе доволно пижами“ откако упати апел до патниците да престанат да носат чевли од марката „Крокс“ (Crocs). Објавата привлече огромно внимание - над 5,7 милиони прегледи и бројни коментари од патниците, пренесува Еј-би-си (ABC).
Портпаролот на аеродромот, Бо Симер, изјави дека објавата е дел од долгорочниот хумористичен тон што аеродромот го негува на социјалните мрежи.
-Патниците ги охрабруваме да се чувствуваат удобно, додаде Симер, истакнувајќи дека целта на ваквите објави е да се задржи лесен и пријатен тон во комуникацијата со патниците.
Аеродромот дополнително појасни дека објавата за пижамите е уште еден „разигран одговор на дебатите за мода за време на патување“ и ги повика патниците да продолжат да патуваат на начин кој им е најудобен и пријатен. Со тоа, администрацијата на аеродромот сака да испрати јасна порака дека, и покрај хуморот и забавата на социјалните мрежи, приоритет секогаш останува безбедноста и удобноста на патниците. мв/јт/
Фото: X