Администрацијата на Општина Тетово ќе се обучува како да искористи повеќе ЕУ-фондови
- Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија Орхан Муртезани денеска во Општина Тетово разговараше со градоначалникот Биљал Касами за новите можности за искористување на фондовите од Европската Унија од страна на локалните самоуправи. Фокусот во иднина ќе биде ставен на кадровскиот потенцијал на општините.
Тетово, 4 ноември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија Орхан Муртезани денеска во Општина Тетово разговараше со градоначалникот Биљал Касами за новите можности за искористување на фондовите од Европската Унија од страна на локалните самоуправи. Фокусот во иднина ќе биде ставен на кадровскиот потенцијал на општините.
- Разговаравме генерално за можностите кои се нудат за општините за финансирање на проекти од европските фондови, исто така и за процесите за евроинтеграција, а еден важен дел од тој процес е приближување на нашите системи, нашите институции до европските. Во тој дел многу важни се европските проекти кои се финансираат со европски пари во државата. Во Општина Тетово во моментот се неколку такви проекти кои се реализираат со такви фондови во рамките на нашите цели и определби за подобрување на животот на граѓаните. Министерот покажа подготвеност да помогне на Општина Тетово со зголемување на капацитетите на општинската администрација и за подготовка на проекти и за аплицирање и за реализација на таквите проекти се со цел да имаме повисоко ниво на искористеност на европските фондови, истакна Биљал Касами.
Општинската администрација ќе се обучува како да привлече повеќе средства од ЕУ-фондови во Центарот за обуки во рамките на Министерството кое треба да почне да функционира.
- Свесни сме целосно дека единиците на локалната самоуправа се соочуваат со проблеми во однос на кадровско стручен потенцијал за апсорпција на овие средства. Заедно се залагаме овој проблем да почнеме да го надминеме преку различните инструменти коишто ги има на располагање Министерството за европски прашања, односно Центарот за обуки коишто од оваа година или од почетокот на следната година треба да почне да врши услуги на усовршување или обучување на кадарот на општините коишто ќе можат да го зголемат апсорпциониот капацитет на овие програми. Во неколку наврати сум потенцирал дека како земја во изминатиот период константно сме губеле средства од ИПА, само во последните три години сме изгубиле над 120 милиони евра. Со градоначалникот се договоривме ние како Министерство да пружиме максимална помош се со цел оваа пракса да почне да се смени, истакна Орхан Муртезани.
Во моментот се работи на преструктурирање од Секретаријат во Министерство за европски прашање, информираше Муртезани, посочувајќи дека тоа ќе значи доволна правна основа за да се објави повик за обучувачи по што тие обучувачи ќе држат редовни обуки по потреба за општините. ас/мд/
фото: МИА