Адеми: Секој обид за укинување на Бадентер по изборите е обид државата да се врати назад
- Повторените изјави на претставниците на Владата за „преиспитување“ на Бадентеровото мнозинство не се политички лапсус; тие се дел од намерно осмислено сценарио за повторен атентат врз Охридскиот договор и врз уставните темели кои гарантираат еднаквост и стабилност во државата, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми.
Скопје, 1 септември 2025 (МИА) - Повторените изјави на претставниците на Владата за „преиспитување“ на Бадентеровото мнозинство не се политички лапсус, тие се дел од намерно осмислено сценарио за повторен атентат врз Охридскиот договор и врз уставните темели кои гарантираат еднаквост и стабилност во државата, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми.
-Денес сме тука затоа што неправдите се повторуваат, а темелите на Охридскиот мировен договор отворено се напаѓаат. Од Балансерот до Бадентер, она што се случува претставува повторен атентат врз Охридскиот договор. Од првиот ден на овој мандат, оваа влада и нејзините партнери следат опасна агенда: го укинаа Балансерот, со што го нарушија правичното застапување на Албанците и другите заедници, не го почитуваат Законот за јазиците, ги ослабнаа Инспекторатот и Агенцијата и дозволија повеќе од 100 институции да го игнорираат албанскиот јазик, неправедно го намалија бројот на советници во општините, спротивно на Уставот, законот и одлуката на Уставниот суд, ја избришаа албанската дијаспора од политичкото претставување и ја доверија имплементацијата на Охридскиот договор на личности со отворено антиалбански и антиевропски ставови, како Иван Стоилковиќ. На почетокот, не ја почитуваа политичката волја на Албанците – ги избраа оние што Албанците ги одбија. Потоа го забранија користењето на националното знаме од државните функционери. Следен на удар беше албанскиот јазик. Потоа го нападнаа заштитниот механизам на правичното застапување и го укинаа Балансерот. Сега гледаме како сакаат да го укинат и гласањето со „Бадентер“, Адеми.
Според него, секој обид за укинување на Бадентер по изборите, како што беше најавено, е обид државата да се врати назад – кон неправдата и исклучувањето.
-Денес, истиот план напредува кон преиспитување на Бадентеровото мнозинство – уставниот столб кој штити од мајоризација и го обезбедува мултиетничкото функционирање на државата. Секој обид за укинување на Бадентер по изборите, како што беше најавено, е обид државата да се врати назад – кон неправдата и исклучувањето. Наместо да го исполни јавното ветување дека „нема влада без уставни измени“, ВРЕДИ опстојува со празни оправдувања, со релативизирање на штетните политики и со покривање на етноцентричните политики. Фотелјата и политичкиот опстанок се ставени над Охридскиот договор и над европската интеграција на државата. Денес, повеќе од кога било, сме сведоци на ширење опасни идеи кои тврдат дека мултиетничките држави не функционираат и кои бараат создавање етнички чисти држави. Овие идеи јасно се манифестираат: од една страна преку нападите врз Охридскиот договор и уставните механизми, а од друга страна преку блокирање на европскиот пат и изолирање на државата. Овој план се реализира затоа што Владата пронајде неколкумина без легитимитет кои, за една функција, се подготвени да се откажат од сè што има вредност за мултиетничката и унитарната држава, рече Адеми.
Тој потенцира дека се соочуваме со голема опасност која, како што рече, има за цел да ја врати државата назад.
-Но, оваа опасност ќе се запре со гласот на граѓаните. На 19 октомври, Албанците ќе покажат дека еднаквоста не се преговара и дека Охридскиот договор не смее да се наруши, рече потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми. фф/са/
Фото: ДУИ