• петок, 22 ноември 2024

Адвокатот на семејството на убиениот косовски полицаец: Има уште многу лица вмешани во нападот во Бањска

Адвокатот на семејството на убиениот косовски полицаец: Има уште многу лица вмешани во нападот во Бањска

Приштина, 9 октомври 2024 (МИА) – Aдвокатот Арианит Коци, претставник на семејството на косовскиот полицаец Африм Буњаку, кој беше убиен во терористичкиот напад на српска група во септември минатата година во Бањска во северно Косово, вели дека има информации оти уште многу други лица, покрај 45-те веќе обвинети, се вмешани во нападот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите по денешното рочиште против тројца од обвинетите во случајот „Бањска“, Коци рече дека се очекува дали ќе има ново обвинение за евентуално новите осомничени или ќе се прошири постоечкото.

Адвокатот рече дека истрагите за овој случај се развиваат забрзано и додаде дека очекува Србија да ги предаде останатите обвинети.

„Имам информации дека има и многу други инволвирани лица, но дали ќе биде покренато ново обвинение или ова ќе се прошири, останува на стратегијата на обвинителството... Истрагите за овој случај продолжуваат енергично. За овие 42 обвинети нема бегање, сите се на 'црвено барање' на Интерпол. Не само што не можат да ја напуштат Србија, туку очекувам во секој момент или кога ќе дојде време Србија да ги предаде на Косово“, изјави Коци.

Ниту еден од тројцата обвинети - Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ - на денешното рочиште пред Основниот суд во Приштина не ја призна вината.

Во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово, подигнанто на 11 септември годинава, обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и да го приклучат на Република Србија, при што како резултат на употребеното насилство, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.

Обвинетите 45 лица од срска националност, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, се товарат за сторени кривични дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање на тероризам“ и „Перење пари“.

Покрај полицаецот Буњаку, во престрелката што уследи меѓу полицијата и српската група на 24 септември минатата година, беа убиени и тројца од напаѓачите, додека другите побегнаа во Србија. иа/

Остани поврзан