Ада Кадриоска, со песничката „Хоби“, победник на „Радика Фест 2025“
- Ада Кадриевска од Бороец, Струга со песната „Хоби“ е победник на 16-тото издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика-Фест 2025“, што се одржа во Центар за култура-Дебар.
Дебар, 27 декември 2025 (МИА) - Ада Кадриевска од Бороец, Струга со песната „Хоби“ е победник на 16-тото издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика-Фест 2025“, што се одржа во Центар за култура-Дебар.
Најпрво присутните, кои ги имаше од поширокиот дебарски регион, ги поздрави и им посака пријатни мигови, а на учесниците многу успех, познатиот дебарски композитор Зинче Мимидиноски, инаку директор на фестивалот, благодарение на чија неуморна работа и ангажираност а на радост на децата од поширокиот регион, живее оваа културна манифестација.

На овој значаен настан за децата, кои со нетрпение го очекуваат секоја година, настапија деца од Дебар, Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Струга и струшко и Охрид како и автори на текстови од повеќе градови од државава.
Беа изведени 12 нови авторски композиции а за најдобра, стручното жири ја прогласи песничка „Хоби“ во изведба на Ада Кадриеска од Бороец, Струга, која нејзината прекрасна интерпретација и сценски настап ги воодушеви присутните.
Првото место од публиката го освои Мелда Кадри од Дебар, за најдобар вокал беше прогласена Бида Оручоска од Косоврасти, дебарско, за најдобар сценски настап Елина Смајлоска од Бороец, струшко.
На 16-те изданија на фестивалот изведени се над 200 песнички а учествувале околу 400 учесници од сите делови на државава.
Гостин во програмата на фестивалот како и минатата година беше ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар.
Фестивалот финансиски беше поддржан од : Општина Дебар, ТД „БОГРАД“ и „АРСЕНАЛ“, и двете од Струга, ТД „ГАЈРЕТ“и „ЈАСЕН“ од струшните села Лабуништа, односно Подгорци, како и Центар за култура - Дебар. вт/ац/
Фото: МИА