• понеделник, 23 декември 2024

Агенцијата за вработување ја промовира мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“

Агенцијата за вработување ја промовира мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Во просториите на Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ) денеска беше промовирана мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ од Оперативниот план за активни програми и мерки за 2022 година, кој се однесува на поддршка за креирање на нови работни места во делот на зелени инвестиции. Заинтересираните работодавачи за оваа мерка, која Агенцијата ја имплементира во соработка со Програмата за развој на ОН (УНДП), можат да аплицираат до 31 октомври 2022 година. Компаниите ќе добиваат финансиска поддршка за нови вработувања од 205 илјади до 615 илјади денари, во зависност од одобрените вработувања, а поддршката се доделува во вид на грант, односно неповратни средства наменети за финансирање на нови деловни инвестиции насочени кон транзиција кон зелена економија во машини, алатки, опрема за обновливи извори на енергија и опрема и материјали за енергетска ефикасност. Мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ треба да го поттикне создавањето нови вработувања и воедно го катализира процесот на зелена трансформација на приватниот сектор преку воведување на зелени производи и услуги, технологии или процеси во самите претпријатија. Министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на промоцијата истакна дека радува фактот што секоја година буџетот за активните политики и мерки во Оперативниот план постојано се зголемува, а тоа ја потврдува и атрактивноста на мерките наменети за бизнис секторот и лицата кои со мерките се вклучени на пазарот на труд и преку обуки стануваат поконкурентни на пазарот на труд и ја остваруваат својата бизнис идеја. - Мерката обезбедува и поддршка за стручни обуки за зелени вештини за претпријатијата корисници на финансиска поддршка и за сите други претпријатија заинтересирани да го поттикнат својот деловен развој преку зелени инвестиции. Дополнително, поддршката за стручни обуки за зелени вештини ќе биде овозможено и за невработените лица со цел да се олесни нивната транзиција кон вработување во области во кои што имаат потреба од такви вештини. Реализацијата на Оперативниот план за 2022 година достигна вкупно 75 проценти реализација за сите мерки вкупно, рече Тренчевска. Според директор на Агенцијата за вработување Беким Мурати, целта на мерката е да се придонесе кон поттикнување на создавање нови работни места во процесот на трансформација на приватниот сектор кон зелена економија. - Зелените работни места се оние занимања кои придонесуваат за заштита на животната средина, намалување на аерозагадувањето и справување со климатските промени, но кои во исто време обезбедуваат социјална еднаквост и инклузивност. Овие работни места во нашето поднебје имаат огромен потенцијал за обезбедат развој, пред се поради изобилието на сонце, плодна почва, недопрена природа и други предуслови, рече Мурати. Тој нагласи дека според релевантните извештаи, до 2035 година се очекуваат во земјата да се отвораат неколку илјади зелени работни места, од кои најголем дел во секторот градежништво  и индустриите поврзани со градежните материјали. - Зголеменото користење на обновливи извори на енергија за производство на електрична енергија, особено фотонапонските системи, ветер, биомаса, хидросистеми и постројки што користат гас од отпад, се очекува да отвораат повеќе од 500 работни места, додаде Мурати. Заменичката на постојаниот претставничка на УНДП во земјава, Сања Бојаниќ потенцира дека во контекст на заздравувањето на пандемијата и справувањето со војната што доведе до енергетска криза, се поочигледна е потребата од севкупен ланец на снабдување со храна, а со тоа и потребата од зелено одржливо заздравување и зелена стратегија за финансирање, зелени финансиски инструменти, зелени механизми и мерки. - Фокусот честопати е на самите трошоци, а секако зелената транзиција наложува промени и инвестиции. При тоа на самиот почеток ќе има и победници и губитници, но долгорочно ова ќе биде придобивка и за компаниите и за луѓето, како и придобивка за нашите деца. Конкретно, кога станува збор за Северна Македонија проценката е дека промената кон циркуларната економија ќе доведе до креирање на осум илјади нови зелени работни места, а со тоа и генерирање на 47 милиони евра за економијата до 2030 година, рече Бојаниќ. фф/сп/

Остани поврзан