• петок, 22 ноември 2024

Австрија: Мандат за формирање нова влада доби второпласираната Народна партија

Австрија: Мандат за формирање нова влада доби второпласираната Народна партија

Виена, 22 октомври 2024 (МИА) - Австрискиот претседател Александер ван дер Белен, неколку недели по парламентарните избори во Австрија, му го довери мандатот за формирање нова влада на актуелниот канцелар и лидер на второпласираната Австриска Народна партија (ОВП), Карл Нехамер.

Претседателот Ван дер Белен ја образложи својата одлука, истакнувајќи дека по разговорите во изминатите недели станало јасно дека Партија на слободата на Австрија (ФПО) и нејзиниот претседател Херберт Кикл не можат да најдат коалициски партнер.

Тој објасни дека ОВП и третопласираната Социјалдемократска партија на Австрија (СПО) изразиле загриженост за демократијата и правната држава, поради што не можат да коалицираат со ФПО, партијата од крајната десница. Овие партии исто така го оправдаа своето одбивање на соработката со ФПО, посочувајќи ја блискоста на оваа партија со Москва и недостигот на дистанца од радикално десничарските сили во Австрија.

- На Австрија ѝ е потребна ефективна, стабилна и независна влада, рече Ван дер Белен. Тој не ја исклучи можноста во идната влада да учествуваат и Зелените или либералната партија Неос, со цел обезбедување поголема поддршка во парламентот.

На парламентарните избори одржани на 29 септември, ФПО освои 29 проценти од гласовите, ОВП доби 26, социјалдемократите SPÖ освоија 21 процент, Неос девет, а Зелените осум проценти.

ОВП и пред изборите ја исклучи можноста за коалиција со ФПО доколку нејзиниот лидер Херберт Кикл, чии ставови ОВП ги смета за премногу екстремни, сака да учествува во работата на владата. ОВП и ФПО еднаш веќе коалицираа на сојузно ниво, но таа коалиција, заедно со владата на тогашниот канцелар Себастијан Курц, се распадна во 2019 година поради улогата на ФПО во корупцискиот скандал „Ибица“. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан