• недела, 24 ноември 2024

Австралија и Нов Зеланд испраќаат авиони за евакуација на туристи од Нова Каледонија

Австралија и Нов Зеланд испраќаат авиони за евакуација на туристи од Нова Каледонија

Мелбурн, 21 мај 2024 (МИА) - Австралија и Нов Зеланд најавија дека ќе испратат владини авиони за да ги евакуираат своите граѓани од Нова Каледонија, француска прекуморска територија каде што летовите се прекинати поради насилните протести по повод измените на изборните закони.

„Граѓаните на Нов Зеланд во Нова Каледонија се соочија со неколку предизвикувачки денови и нивното враќање дома беше итен приоритет за нашата влада“, рече министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, по состанокот со неговите француски и австралиски колеги синоќа, кога беше договорена евакуацијата.

Во таа акција ќе учествуваат авиони од одбранбените сили на Австралија и Нов Зеланд, а француската Висока комисија во Нова Каледонија денеска соопшти дека аеродромот на тој остров се уште е затворен за комерцијални летови и дека ќе испрати војска да ги заштити јавните објекти.

Немирите започнаа на 13 мај, откако пратениците во националното собрание во Париз гласаа за промена на законот за да им се овозможи на повеќе француски граѓани да гласаат на локалните избори во Нова Каледонија, што според домородните лидери ќе го неутрализира домородното политичко влијание.

Контингент од 1.700 полицајци од Франција веќе пристигна на островот. Властите прогласија вонредна состојба која вклучува ноќен полициски час, како и забрани за јавни собири, продажба на алкохол и носење оружје. паг/

Фото: Википедија



 

Остани поврзан