• четврток, 19 декември 2024

Австралија и АСЕАН повикаа на примирје во Газа

Австралија и АСЕАН повикаа на примирје во Газа

Мелбурн, 6 март 2024 (МИА) - Австралија и земјите од Југоисточна Азија денеска го завршија тридневниот самит на кој повикаа на воздржаност во спорното Јужно Кинеско Море и траен прекин на огнот во Појасот Газа.

Австралија беше домаќин на Самитот со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Мелбурн по повод 50-годишнината од нејзините врски со блокот, иако остануваат разликите меѓу 10-те членки околу плановите на Кина да го прошири своето дипломатско и воено присуство во регионот.

Во заедничката изјава на Австралија и АСЕАН се повикува на поредок „заснован на правила“ во Индо-Пацификот бидејќи Пекинг се обидува да го зголеми своето присуство во Јужното Кинеско Море. „Ги охрабруваме сите земји да избегнуваат какви било унилатерални дејства кои ги загрозуваат мирот, безбедноста и стабилноста во регионот“, се нагласува во Изјавата.

Изјавата доаѓа откако Филипините вчера го повикаа заменикот-шеф на мисијата на Кина во Манила во знак на протест на, како што ја нарече „агресивна акција“ на кинеските поморски сили против мисијата за снабдување на филипинските трупи стационирани во близина на гребен во Јужното Кинеско Море.

Пекинг тврди дека има право на речиси целото Јужно Кинеско Море, што е главен извор на тензии со Филипините. Земјите се во територијален спор и покрај пресудата на Постојаниот арбитражен суд од 2016 година, која утврди дека барањата на Кина немаат правна основа. Пекинг ја отфрла пресудата.

Во заедничката Изјава се повторува загриженоста поради „страшната“ хуманитарна ситуација во Газа и се бара ослободување на заложниците кои се држат во конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„Ги осудуваме нападите врз сите цивили и цивилната инфраструктура, што дополнително ја влошува хуманитарната криза во Газа, со ограничен пристап до храна, вода и други основни потреби.. Повикуваме на итен и траен хуманитарен прекин на огнот, се вели во Изјавата.

Во АСЕАН се земјите со мнозинско муслиманско население Малезија, Индонезија и Брунеи, додека Австралија обезбеди силна поддршка за Израел, иако претходно повика на прекин на огнот и упатуваше критики поради бројот на цивилни жртви. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан