• понеделник, 23 декември 2024

Авировиќ Бундалевска: Родителите треба да им објаснат на децата дека постојат различни модели на семејства

Авировиќ Бундалевска: Родителите треба да им објаснат на децата дека постојат различни модели на семејства

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Сите родители треба на своите деца да им објаснат дека постојат различни модели на семејства. Но, она што ние сметаме дека е важно, е тоа оти треба да има едукација за родителите. За да може да имаме едукација кај децата, пред сѐ, треба таа едукација да започне во семејството, смета професор доктор Ирена Авировиќ Бундалевска, раководителка на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет во рамки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Таа ја даде изјавата на денешниот настан по повод одбележување на Меѓународниот ден на семејството - 15 мај, одбележуван од страна на Обединетите Нации уште во 1993 година.

- Ученици од училиштето „Лазо Ангеловски“ денеска ќе изработуваат цртежи на тема семејство, како тие го доживуваат семејството, какви спомени, какви мисли им раѓа, потоа следува трибина за семејството. Пораката што сакаме да ја испратиме е дека семејството е многу важна заедница за нашето општество, дека е една средина во која треба сите членови меѓусебно да си пружат љубов и поддршка, дека треба да работиме на односите на сите членови во семејството, додаде Авировиќ Бундалевска во изјава за медиуми.

Таа одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во денешно време, младите се одлучуваат да склучат семејства во поизминати години, за разлика од минатото. Бракот, како што појасни, не се склучува на рана возраст, во раните дваесетти, како што било случај некогаш, ами најчесто се одлага по триесеттата година. Таа информираше и дека има зголемен број на вонбрачни заедници во државава.

Тања Јосимовска, одделенски наставник во ООУ „Лазо Ангеловски“, нагласи дека има различни видови семејства. Според Јосимовска, денес е многу тешко не само да се биде родител, туку и да се биде наставник.

- Денеска сме поканети од Филозофскиот факултет од Институтот за семејни односи по повод одбележување на Меѓународниот ден на семејството. Семејството како една важна алка во општеството е многу битна за правилен развој на секое дете. Денеска сме дојдени да го одбележиме на начин што ќе ги поттикнеме децата што повеќе да се вклучат во активностите што ги работат дома со своите семејства, но, истовремено порака и до родителите - поминатото време со децата е најскапоценото нешто што некој може да го има, подвлече Јосимовска.

Деканот на Филозофскиот факултет, професор доктор Ратко Дуев изрази задоволство од денешниот настан и кажа дека овој ден го одбележуваат секоја година. Тој кажа и дека годинава, Институтот бележи 10 години постоење, а кај младите во државава има интерес за изучување на овие студии. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан