• сабота, 23 ноември 2024

Абазовиќ: Новата влада не ја формираат тие што преговараат, туку други центри на моќ

Абазовиќ: Новата влада не ја формираат тие што преговараат, туку други центри на моќ

Блед, 28 август 2023 (МИА) - Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ денеска изјави дека новата Влада на Црна Гора не ја формираат тие кои преговараат, туку други центри на моќ чија цел е да се спречи активна борба против организираниот криминал и корупцијата, јави Мина.

Абазовиќ пред новинарите во пресрет на Бледскиот стратешки форум изјави дека неговите очекувања биле Црна Гора многу побрзо да добие влада, но дека работите се искомплицирале.

Тој кажа дека не е изненаден од последните случувања во владините преговори.

-Владата не ја составуваат оние кои преговараат, туку други центри на моќ, чија цел е да спречат активна борба против организираниот криминал и корупцијата, рече Абазовиќ, пренесе подгоричка „Побједа“.

Тој не сакаше да одговори на кого мисли, но додаде дека ги оставил „да работат и да го доведат процесот до крај“.

Според него, ништо не може да ја дестабилизира Црна Гора.

-Затоа што владата правилно ги исполнува сите свои обврски кон граѓаните. Имавме успешна главна туристичка сезона, одиме во постсезона и тоа е тоа. Докажавме одредена вештина во управувањето, не ни пречи техничкиот мандат. Ако некој сака да не врати назад, нема да дозволиме, рече Абазовиќ. сд/

Остани поврзан