• петок, 22 ноември 2024

Над 114 500 граѓани лани купиле полиси за здравствено осигурување

Над 114 500 граѓани лани купиле полиси за здравствено осигурување

Скопје, 24 февруари 2021 (МИА) - Бројот на лица кои купиле здравствено осигурување лани пораснал за пет пати во однос на 2019 година, а во полиси граѓаните вложиле 4,45 милиони евра што е за 45 отсто повеќе од 2019 година, информираат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Официјалните агрегатни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за 2020 година покажуваат дека вкупно 114 559 граѓани лани одлучиле да купат полиси за здравствено осигурување и тоа е за 93 161 осигуреник повеќе од претходната година кога полиси за здравствено осигурување имале 21 398 лица. Во своите полиси за здравствено осигурување, како што наведуваат од АСО,  лани граѓани вложиле 4,45 милиони евра и тоа е за 44,8 отсто повеќе од бруто полисираната премија (вредност на продадени полиси) во претходната година.

Полисите за здравствено осигурување лани ги продавале 10 компании за неживотно осигурување.

 Според АСО влијание врз растот на продажбата на осигурителни полиси за здравствено осигурување минатата година има пандемијата предизвикана од вирусот COVID 19, но и добрите корпоративни практики на се повеќе фирми кои купуваат полиси за здравствено осигурување за своите вработени.

Според податоците лани компаниите за неживотно осигурување на своите осигуреници им исплатиле штети во вкупен бруто износ од 1,72 милиони евра врз основ на покритијата од полисите за здравствено осигурување. Во споредба со 2019 година износот на бруто исплатени штети кои компаниите ги платиле на осигурениците се зголемил за 44 отсто.

АСО апелира до сите потенцијални осигуреници при изборот на осигурително друштво особено да обрнат внимание на ризиците кои се опфатени со осигурувањето и дали, заради актуелниот момент, се покриени ризици предизвикани од пандемии или епидемии.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело, основано во 2009 година, кое го регулира пазарот за осигурување и се грижи за заштита на правата на осигурениците и развој на перцепцијата за значењето на осигурувањето.скс/са/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан