• сабота, 13 јули 2024

„Тиквеш“ дел од транснационалниот проект за поттикнување локален економски развој

„Тиквеш“ дел од транснационалниот проект за поттикнување локален економски развој
Скопје, 9 ноември 2020 (МИА) - Винарската визба „Тиквеш“ се вклучи во транснационалниот проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“, чија цел е поттикнување локален и економски развој, зачувување на традициите, но и размена на знаења за производство на виното „тероар“. Во овој проект се вклучени и осум други организации од четири европски земји, а ќе се реализира следниве три години. Финансиран е од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка. Целта на проектот, како што соопштија од „Тиквеш“, е да се поттикне развојот на руралните области преку подобрување на заедничкиот истражувачки капацитет и размена на знаење применето во производство на „тероар“ вино и сајдер во избрани области, како што се: долината Випава во Словенија, Славонија во Хрватска, Тиквеш во Македонија и Хардангер во Норвешка. За остварување на оваа цел на проектот ќе бидат вложени над 1,5 милион евра. - Конкретно, овој проект се темели на концептот за развој на висококвалитетни земјоделски производи со силен регионален идентитет, како што се виното и сајдерот, со што треба да се придонесе за одржлив локален економски развој, зачувување на традициите, промоција на локалните региони во светски рамки и развој на локалните туристички потенцијали, како и спречување на иселувањето од руралните средини. Ваквиот концепт за развој успешно се применува во развиените земји од Западна Европа, а е резултат на соработката помеѓу науката, бизнисот и локалните институции, соопштија од „Тиквеш“. Во конзорциумот што ќе го реализира проектот се вклучени четири истражувачки и академски институции од Норвешка, Хрватска и Словенија, предводени од Универзитетот во Нова Горица, Словенија. Како претставници на бизнисот, покрај ВВ „Тиквеш“, во проектот е вклучена и Асоцијацијата за сајдер од Хардангер, Норвешка, а локалните власти се претставени преку општината Ајдовчина од Словенија, градскиот совет на Хардангер од Норвешка и локалната агенција за развој на Пожега од Хрватска. бт/скс/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан