• четврток, 19 декември 2024

Џафери пред уставните судии: За Законот за ЈО во целост се почитуваа одредбите од собранискиот Деловник

Џафери пред уставните судии: За Законот за ЈО во целост се почитуваа одредбите од собранискиот Деловник
Скопје, 18 мај 2021 (МИА) –  Во Уставниот суд денеска се одржа подготвителна седница по иницијативите за оценување на уставноста на Указот за прогласување на Законот за јавното обвинителство и Законот за јавното обвинителство од 16 февруари 2020 година.
Судијата Осман Кадриу на почетокот на седницата констатира дека во врска со Законот за јавно обвинителство, до Уставниот суд се поднесени три иницијативи, и тоа од Тодор Петров, Томе Тодоровски и Михајло Маневски.
Со иницијативите, како што рече судијата Кадриу, се тврди дека со донесениот Закон се повредени повеќе одредби од Уставот на Републиката.

На подготвителната седница, на покана на претседателот на Уставниот суд Сали Мурати присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој кажа дека при постапката за донесување на Законот и начинот на гласање во целост се почитувале одредбите од Деловникот на Собранието.

На прашање на судијката Елена Гошева, врз основа на која одредба од Деловникот се повторува гласањето, Џафери кажа дека тој го поништил гласањето поради тоа што на таа седница двајца пратеници реагирале оти на екранот не се прикажуваат нивните гласови.

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски, како еден од подносителите на иницијативите, смета дека Законот за јавно обвинителство содржи многу повреди од процесно - правен и од материјално - правен каракер. Вели дека од процесно-правен карактер Законот за јавно обвинителство е донесен во една процедура која не е деловничка. -Прво, на 134-таседница е разгледан Предлог законот за јавно обвинителство по скратена постапка, која седница заврши бидејќи Владата го повлече Предлог законот, меѓутоа истиот ден од страна на Владата со писмо кое не е потпишано од претседателот на Владата Оливер Спасовски се наведува дека законот се повлекува од собраниска процедура. Закон што е повлечен од собраниска процедура не може да биде закон кој понатаму ќе се третира како закон, додека не се одлучи од страна на Владата за поднесување нов закон.... Ако веќе тој закон не постои и е повлечен, таа 134 седница е затворена, на 135 да се стави нов корегиран текст што не е познато во Деловникот на Собранието и на Владата, а очигледно е дека е тоа противуставна процедура, изјави Маневски денеска пред Уставниот суд. Што се однесува до гласањето на Законот, Маневски рече дека Деловникот на Собранието содржи многу јасни одредби за гласање и оти претседателот на Собранието нема никакво овластување да поништува гласање. -Со оглед на тоа дека е повреден Деловникот и дека гласањето не може да биде поништено, претседателот е должен да ги соопшти резултатите од гласањето, колку пратеници се „за“, колку против, коилку воздржани и да соопшти дали законот е донесен или не е донесен. Ако го нема потребното мнозинство, во конкретниот случај двотретинско мнозинство, очигледно е дека законот не е донесен. Повредени се и многу материјални одредби, рече Маневски. Тој смета дека е направена груба дискриминација и  со членот 110 од Законот за јавното обинителство, бидејќи се работи за очигледна нееднаквост на граѓаните пред законот. -Барам да се поништи во целина Законот затоа што е неуставен. Не одговара на одредбите од Уставот и од Деловникот на Собранието и на Владата, рече Маневски.

Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес на 25 февруари и на 3 март 2020 година поднел две иницијативи до Уставен суд за поништување на Указот за прогласување на Законот за јавно обвинителство и на Законот за јавно обвинителство.

-Бараме поништување на Законот за јавно обвинителство, бидејќи не е донесен од Собранието. За него гласале 74 пратеници, 23 против, воздржани ниту еден. Претседателот на Собранието без овластување по Устав, закон и Деловник го поништува гласањето и го повторува, иако според Деловникот тоа не е во согласност со одредбите на актот за работа на Законодавниот дом. Закон кој не е донесен, не може ниту да се објави во Службен весник и затоа бараме заедно со Законот за јавно обвинителство, да биде поништен и Указот за негово прогласување  од претседателот на Републиката, изјави Петров денеска пред Уставниот суд. Петров меѓу другото рече дека е единствен подносител на иницијатива за поништување на Закон за Специјално јавно обвинителство поднесено на 21 октомври 2015 година кое за жал, како што додаде, Уставниот суд до ден денес не ја процесуира иако Законот за СЈО престана со важност минатата година. Законот за јавно обвинителство беше донесен од Собранието со 80 гласа „за“, но по повторено гласање, на 16 февруари 2020 година, пред одржувањето на предвремените парламентарни избори. Претседателот на државата Стево Пендаровски веднаш го потпиша Указот за прогласување на Законот за јавното обвинителство. На тоа реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи го Пендаровски дека не смее да потпишува указ за закон донесен во Собранието со двотретинско мнозинство. За ВМРО-ДПМНЕ е спорно и тоа што Законот е донесен со повторено гласање, а спорен е и членот 110, кој предвидува прислушувани разговори да не можат да бидат основа за подигнување обвиненија, туку тие само да служат како индиции. Исклучок од ова веќе законско правило ќе бидат предметите на СЈО покренати до 30 јуни 2017 година. Сите прислушувани разговори што не се предадени во Судот како докази или индиции во истраги, Законот предвидува да се уништат. Пендаровски по потпишувањето на Указот им порача сите коишто имаат забелешки за начинот на гласањето да ги достават до Уставниот суд. мс/дма/

Остани поврзан