Јапонија донираше комунално возило за Општина Пробиштип
- Општина Пробиштип доби донација на комунално возило од мисијата на Амбасадата на Јапонија, во рамки на Проект за обезбедување на комунално возило на Општина Пробиштип во вкупна вредност од 60
Скопје, 21 јули 2021 (МИА) - Општина Пробиштип доби донација на комунално возило од мисијата на Амбасадата на Јапонија, во рамки на Проект за обезбедување на комунално возило на Општина Пробиштип во вкупна вредност од 60.890 евра.
На завршната церемонија во Пробиштип денеска присуствуваше заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Јапонија, Такахаши Сатору, градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов и директорот на Јавното комунално претпријатие „Никола Карев“ Драган Ристовски.
За време на посетата, Такахаши и градоначалникот Анастасов одржале состанок на кој, како што информираат, било одлучено да ја продолжат соработката помеѓу Амбасадата на Јапонија и Општина Пробиштип.
Во име на јапонскиот народ, Такахаши Сатору изрази благодарност до граѓаните на Пробиштип за нивното пријателство.
Преку програмата за мали грантови (GGP), Јапонија финансира проекти за реновирање и обезбедување опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 57 здравствени установи и обезбеди 31 возило за одржување и комунални возила за 49 општини. аа/дма/