• петок, 05 декември 2025

Јанта Волеј КВ пред нов предизвик во Скопје гостува Младост Загреб

Јанта Волеј КВ пред нов предизвик во Скопје гостува Младост Загреб

Скопје, 26. ноември 2025 (МИА) – Женскиот одбојкарски првак Јанта Волеј Кисела Вода настапот во европските клупски купови го продолжува вечерва (20 часот). Во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје гостува хрватскиот тим Младост Загреб во рамки на 1/16 финалето од ЦЕВ купот.

Одбојкарките на Јанта Волеј КВ испишаа историски успех, кој не е само клупски, туку ќе остане запаметен и како еден од највисоките успеси во македонската женска клупска историја во Европа, со двете победи во првата рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите. Во втората рунда од Лигата на шампионите сепак имаа силен противник од Франција. Поразот и елиминацијата од Лигата на шампионите им овозможи да се „преселат“ во ЦЕВ купот.

- Како и на претходните натпревари така и сега, ние сме фокусирани на нашата игра. Приоритет е да се одигра на високо ниво, дисциплинирано и мотивирано, а резултатот да дојде сам по себе. Имаме сериозен и квалитетен противник како следна пречка во европските клупски купови. Екипа предводена од италијански стратег, со искусни играчи и кениската репрезентативка Овино, во своите редови. Целата европска сезона сме со скромни очекувања, така ќе биде и овојпат. Ќе се потрудиме уште еднаш достојно да го претставиме нашиот клуб, македонската одбојка и државата во Европа, изјави спортскиот директор на Јанта Волеј КВ, Горан Јаневиќ.

Реванш натпреварот се игра следната среда (3 декември) во 20 часот во „Домот на одбојката“ во Загреб. мн/

Фото: ОФМ

Остани поврзан