• понеделник, 18 ноември 2024

Јавните комунални претпријатија пред можен банкрот, бараат цена на струјата како за домаќинствата

Јавните комунални претпријатија пред можен банкрот, бараат цена на струјата како за домаќинствата
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ коешто обединува 90 јавни комунални претпријатија во земјава, денеска уште еднаш алармираше дека се пред можен банкрот. Бара јавните претпријатија да плаќаат електрична енергија по цена иста како за домаќинствата. Доколку тоа не се случи, ќе достават барање за зголемување на цената на нивните услуги. Претседателот на РКЕ е на став дека треба да им се помогне, но вели дека нивното барање е противзаконски. - Ако не се преземе нешто многу брзо односно уште утре ќе се доведеме во тешка ситуација којашто потоа ќе предизвика други последици. Сметките за струја во одредени претпријатија достигнуваат до 10 пати поголеми суми односно зголемени се за илјада проценти, изјави денеска претседателот на АДКОМ Пеце Милевски. Барањата за директни средби, како што кажа, не дале резултат, но се надева дека претставникот на Владата кој присуствувал на денешната дебата ќе ги пренесе нивните пораки. - Во оваа ситуација во која што се наоѓаат претпријатијата има два избора - финансиски банкрот со којшто веројатно би се соочиле како претпријатие и тоа ќе предизвика недостиг или прекин на услугите што ги даваме и несигурност за 15 илјади вработени. Другата опција е ЈКП да поднесат нови пресметки до РКЕ за промена на цените односно услугите коишто ги даваат јавните комунални претпријатија, посочи Милевски. Корекцијата во зависност од различните трошоци на претпријатијата ќе биде различна, додаде тој, а РКЕ ќе треба да донесе разумни одлуки коишто ќе овозможат неопходно подобрување на билансите на претпријатијата и нивното преживување. - Како можно решение за оваа состојба или да не се случи граѓаните да плаќаат повисоки сметки, АДКОМ предлага јавните комунални претпријатија да плаќаат струја по единствена цена за киловат час 5,28 денари како што плаќаат физички лица односно во блок три максимална опција без пресметување на евтина и скапа тарифа и финансиска помош од државата односно покривање на разликите меѓу планираните и фактички настанатите трошоци за електрична енергија, изјави Милевски. Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски рече дека барањето на АДКОМ да добијат цена како за домаќинствата е спротивно на постоечкиот Закон за енергетика, но подвлече дека треба да им се помогне на јавните комунални претпријатија. - Во насока на таа помош треба да се гледа тоа што веќе и Владата ги оствари контактите со претставници од бугарската Влада. Се прават напори да се најде поевтин гас и на тој начин да се направи едно портфолио на потрошувачка на електрична енергија во којашто ќе бидат вклучени и ЈКП, но и  македонските компании коишто исто така се во незавидна ситуација имајќи ги во предвид нивните високи трошоци за електрична енергија, изјави Бислимоски. Според Бислимоски, јавните комунални претпријатија треба да поработат и на намалување на загубите во нивните мрежи, бидејќи во моментов државата во просек има загуби на вода од 65 проценти што е екстремно високо и им прави проблеми во нивното тековно работење. - РКЕ и да добие барања од јавните комунални претпријатија за зголемување на цените, ќе ги одбие, бидејќи не верувам дека зголемување на цена од 100, 200 300 проценти за водните услуги ќе го реши проблемот. На крајот на денот, македонските граѓани ќе треба да ја платат таа зголемена цена на водни услуги и верувам дека со зголемувањето на цените уште повеќе ќе се влоши проблемот бидејќи ќе се зголеми ненаплатата што нема да влијае на ликвидноста на компаниите, појасни претседателот на РКЕ. Додаде дека е можно зголемување на месечните трошоци за 20 до 30 денари, за коишто, како што рече, не е голем трошок за домаќинствата, а ќе им помогне на јавните комунални претпријатија. сх/бак/

Остани поврзан