• недела, 22 декември 2024

Јавен обвинител со полицијата врши увид за двојното убиство во Старата скопска чаршија

Јавен обвинител со полицијата врши увид за двојното убиство во Старата скопска чаршија

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи вечерва врши увид на лице место во угостителски објект во Старата скопска чаршија во кој во оружен инцидент убиени се две лица, додека едно е повредено.

Од Јавното обвинителство информираат дека според првичните информации, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на лице место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош.

-Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите, се вели во соопштението од ЈО.

Полициските екипи веќе неколку часа го обезбедуваат местото во Старата скопска чаршија каде се случи престрелката во која починаа две лица, а едно е повредено. Во меѓувреме се зголемува бројот на полициските екипи кои се упатуваат кон локацијата.

Пристапот кон Скопското кале и Старата скопска чаршија се блокирани од полицијата.

Од МВР претходно информираа дека во СВР Скопје вечерва во 20.11 часот е пријавено дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е.И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош.

Од Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски за МИА потврдија дека едно лице со две  прострелни рани е донесено во оваа клиника вечерва во 20.15 часот со приватно возило. Констатирана му е прострелна рана во пределот на левото стапало и поголема рана во пределот на десната потколеница.

Како што изјавија за  МИА, на лицето му е укажана помош и е пуштено на домашно лекување. 

Нагласуваат дека досега во оваа клиника е донесено само едно лица.

Од МВР засега нема нови официјални информации и детали. цр/лв/

 

Остани поврзан