• петок, 20 февруари 2026

Шампионот Еурофарм Пелистер поразен и од Висла Плоцк 25:28

Шампионот Еурофарм Пелистер поразен и од Висла Плоцк 25:28

Битола, 19 февруари 2026 (МИА) – Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва во Битола доживеа уште еден пораз на европска сцена, овој пат од Висла Плоцк која славеше со 28:25.

Во тврд натпревар кој брзо ќе се заборави, гостите од Полска не дозволија битолчани да приредат изненадување, иако во два наврати домашните ракометари успеаја да се доближат на еден гол негатива, во првото полувреме на 8:9 и во второто полувреме до 19:20 за гостинскиот тим кој во 44 минута имаше предност и од шест голови.

Според прикажаната игра, вечерва во Битола не може да се издвои играч на натпреварот, а статистички најефикасни во двата тима беа словенечките интернационалци, Тајник кај Еурофарм Пелистер со 4 постигнати голови и Јанц во тимот на Висла Плоцк со 7 постигнати голови.

Со вечерашниот пораз Еурофарм Пелистер ги загуби минималните шанси за шеста позиција на табелата која води до следна фаза од европската лига на шампионите, иако до крајот на натпреварите во група има уште три дуели со ГОГ и Барселона на гости и со ПСЖ во Битола.

М.Т.

Фото: МИА

Остани поврзан