Четворица пакистански војници загинаа во бомбашки напад на безбедносно возило во Квета
- Најмалку четворица пакистански војници се убиени, а тројца се ранети кога експлодирала бомба покрај патот во близина на нивното возило во Квета, главниот град на југозападната покраина Балучистан, соопшти локалната полиција.
Квета, 25 април 2025 (МИА) - Најмалку четворица пакистански војници се убиени, а тројца се ранети кога експлодирала бомба покрај патот во близина на нивното возило во Квета, главниот град на југозападната покраина Балучистан, соопшти локалната полиција.
Иако никој веднаш не ја презеде одговорноста за експлозијата, има сомневање дека зад неа стојат етничките балучки сепаратисти, кои често извршуваат напади врз припадници на безбедносните сили и цивили во областа.
Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсин Накви, го осуди нападот и им оддаде почит на војниците кои, како што рече, „ги жртвуваа своите животи за мир во земјата“.
Ова е втор ваков напад во Балучистан за два дена - вчера три лица беа убиени во експлозија во близина на патот во округот Калат.
Со децении, Балучистан е место на бунт на неколку сепаратистички групи, вклучувајќи ја и забранетата Ослободителна армија на Балучистан, која беше прогласена за терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави во 2019 година. паг/
Фото: МИА архива