• понеделник, 23 декември 2024

Црвенковска: Судството е ажурно, иако од 34 судови неажурни се 19

Црвенковска: Судството е ажурно, иако од 34 судови неажурни се 19
Скопје, 31 март 2022 (МИА) - Според оценка на Судскиот совет во целина, судството е ажурно, иако од 34 судови, ажурни се 15, додека неажурни се 19, информира претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на денешната прес-конференција по повод Денот на правосудството, на која го презентираше Годишниот извештај за работата на Судскиот совет. - На ниво на државата судовите во јануари 2021 година започнале со нерешени 99.954 предмети, примиле во работа нови 564.899 предмети, имале вкупно во работа 664.493 предмети. Од овој фонд на предмети решени се 567.155 предмети, а останале нерешени 97.338 предмети. Според наведените податоци, судовите во 2021 година успеале да го совладаат приливот на предмети и го намалиле заостатокот за 2256 предмети, посочи Црвенковска. Судскиот совет минатата година одржал вкупно 33 седници, како и 15 седници на Судскиот буџетски совет. Советот во 2021 година извршил избор и на вкупно шест судии во основните судови и тоа по тројца судии во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје. Советот лани извршил и избор на претседатели во шест судови - Врховниот суд, Управниот суд и основените судови во Гевгелија, Гостивар, Дебар и Свети Николе. - Советот ја искористи со закон предвидената можност да донесе одлука за времено упатување на судии од еден во друг суд. Донесе одлука за времено упатување на десет судии и тоа најдолго за време од една година. Во текот на 2021 година Советот избра 112 судии поротници, истовремено Советот донесе одлуки со кои е утврден престанок на функцијата на 157 судии поротници. Во 2021 год судскиот совет разреши седум судии, од нив пет поради нестручно и несовесно вршење на судската функција и двајца поради сторена потешка дисциплинска повреда, образложи Црвенковска. Во текот на 2021 година поднесени се 90 барања за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд или вкупно против 142 судии бидејќи со едно барање можат да бидат опфатени повеќе судии. Во текот на 2021 година Советот постапувал по вкупно 699 претставки. Во текот на 2021 година, како што информира Црвенковска, за функционирањето на Судскиот буџетски совет се потрошени финансиски средства во износ од 42,5 милиони денари. За споредба, претходната 2020 година биле потрошени 40,5 милиони денари, од кои 99 посто е реализација на судскиот буџет, 80 проценти се единствено за плати и за надоместоци, за стоки и услуги 14,03 проценти, и за жал, како што посочи, капитални инвестиции 3,58 отсто. Според неа, финансиска независност на судството е клучна. Судската власт, вели таа, треба финансиски да биде издвоена од извршната власт. Претседателката на Судскиот совет на прес-конференцијата се осврна и на методологијата за квалитативно оценување на судиите. Оваа методологија, како што појасни, е целосно нов концепт за оценување на судиите и претседателите на судовите. - Методологијата е веќе инсталирана во АКМИС системот и започнато е со нејзина примена. Судскиот совет пред два дена на седнца ја избра Комисијата за рангирање на кандидати и донесе и правилник по кој ќе се врши оценувањето, информира Црвенковска, посочувајќи дека секој судија ќе биде реално оценет и согласно неговите оцени ќе напредува во кариерата. Во однос на оваа методологија, како што појасни таа, доколку за еден судија две последователни оценки се негативни тогаш тој е за разрешување. - Методологијата со индикатори за сложеност на предметите не е се уште имплементирана во АКМИС системот, правиме напори со невладиниот сектор, со компанијата задолжена за АКМИС системот да ја имплементираме. Со оваа методологија ќе се утврдува сложеноста на предметите, однапред утврдената сложеност на прдметот во моментот кога судијата ќе го прими предметот, тоа ќе значи посоодветна распределба бидејќи ќе влијае директно на нормата која штио треба да ја сработи секој судија месечно и доколку има посложени предмети тогаш автоматски нормата ќе му биде намалена, посочи Црвенковска. Со утврдување на сложеноста на предметите, воедно, додаде таа, ќе се бара и реално исполнителна норма и ако ова се дополни со новиот метод за оценување на судиите тогаш, како што рече, ќе имаме систем со мерливи резултати и полесно ќе утврдиме кој судија остварува напредок, кој судија испорачува навремена и квалитетна правда и кој судија реално заслужува да биде унапреден во повисок суд. Прашана за последниот случај со судијата Лазар Нанев, Црвенковска потенцираше дека согласно надлежностите пропишани во членот 36 од Законот за судски совет, одлучиле да го здолжат координаторот задолжен за Основен суд Кавадарци да побара информации од претседателот на Судот Нанев и воедно да се обратат до Советот за етика при Здружението на судии, кое е единствено надлежно да дава мислења, бидејќи е советодавно тело кое работи врз основа на Кодекс за судска етика. кој го донел Врховниот суд. мс/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан