Царинската управа спречи шверц на стоматолошка опрема, цигари, икони и поголема количина шафран и маџун
- Царинската управа спречи обиди за криумчарење на икони, цигари, стоматолошка опрема, 100 тегли маџун и 5 килограми зачин шафран чија цена е 1.500 евра од килограм, што во различни случаи лица се обиделе нелегално да ги внесат во државата.
Скопје, 18 февруари 2024 (МИА) – Царинската управа спречи обиди за криумчарење на икони, цигари, стоматолошка опрема, 100 тегли маџун и 5 килограми зачин шафран чија цена е 1.500 евра од килограм, што во различни случаи лица се обиделе нелегално да ги внесат во државата.
-На граничниот премин Богородица царинските службеници спречија обид за нелегално внесување на црковни предмети меѓу кои и 51 икона, свеќници, нараквици со монистри, како и 260 килограми темјан, со проценета вредност од 140 илјади денари, при што е избегнато плаќање на царински давачки од 50 илјади денари. Црковните предмети се пронајдени во камион со регистарски таблички од Босна и Херцеговина, управуван од босански државјанин, кој транзитирал преку нашата држава од Република Грција кон Република Хрватска и превезувал спортска опрема. Непријавените црковни предмети се пронајдени во товарниот дел на приколката помеѓу декларираната стока, соопшти Царинската управа.
Во друг случај на граничниот премин Меџитлија, се вели во соопштението, царинските службеници спречија два одделни обиди за нелегално внесување на непријавени цигари во државата.
-Во двата случаи се откриени вкупно 28 штеки со цигари во две товарни моторни возила со македонски регистарски таблички и управувани од македонски државјани, од ист превозник. И двата камиони биле натоварени со кварцен камен – стока наменета за транзит. Во двата случаи штеките со цигари се пронајдени скриени во кабините на возачите, во просторот на горниот кревет, покриени со јакни и лични предмети, посочуваат од Царинската управа.
На влез на Деве Баир, пак, при контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски таблички во багажот на возилото се откриени 100 тегли маџун коишто патниците не ги пријавиле.
При контрола на возило на царинска испостава Делчево е пронајдена и стоматолошка опрема која возачот ја скрил во џебовите од јакната и во пределот зад предните седишта кои биле скриени во мали кеси и кутии спакувани во книжна кеса со облека.
Во еден случај се запленети и 5 килограми сув кршен шафран ,,KIAM GOHAR” коишто царинските службеници на влез на Табановце ги открија при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички. Шафранот е откриен околу предните седишта, каде бил скриен во хартиени кеси.
Од Царинската управа нагласуваат дека стоката во сите случаи е запленета, а против лицата се поднесени соодветни пријави.вј/
Фото Царинска управа