Хелсиншки и МЗМП: Државата итно да ги преземе сите мерки за образовниот процес во воспитно-поправните установи да продолжи
- Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници апелираат државата итно и неодложно да ги преземе сите мерки за образовниот процес во воспитно-поправните уста
Скопје, 26 април 2022 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници апелираат државата итно и неодложно да ги преземе сите мерки за образовниот процес во воспитно-поправните установи да продолжи да се спроведува во најкус можен рок како и да изнајде решение за несоодветните услови во кои девојчињата ја издржуваат мерката, со кои тие ќе бидат преместени во ВПД – Тетово, одвоено од машките лица.
Овој апел следува по истражувањето на МИА кое откри дека децата кои издржуваат воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово, како и во женското одделение при КПД Идризово, не посетуваат настава уште од септември 2021 година и дека девојчињата мерката ја издржуваат во несоодветни услови.
- Ова е последица на долгогодишниот системски проблем, кој Министерството за образование и наука сѐ уште го нема решено. Иако согласно Законот за извршување на санкциите, Министерството за образование и наука има законска обврска да го организира, планира и финансира образованието во казнено- поправните установи и воспитно-поправната установа, овој процес до септември минатата година беше спроведуван со финансиска поддршка на УНДП. По завршување на проектот, децата во овие установи останаа без образование, сметаат од Хелсиншки и МЗМП.
Според нив, образованието е од круцијално значење за ресоцијализација на децата и нивно враќање во општеството, особено доколку се земе предвид фактот дека голем дел од штитениците, кои издржуваат воспитно поправна мерка, се неписмени и немаат завршено ниту основно образование.
Од Хелсиншки и МЗМП, исто така, наведуваат дека државата треба да изнајде решение за нееднаквиот третман на девојчињата во КПД Идризово, за кои, МИА неодамна откри дека девојчињата кои издржуваат воспитно-поправна мерка се сместени во несоодветни услови во КПД Идризово.
- При последната посета на Хелсиншкиот комитет за човекови права во ВПД за женски лица при КПД Идризово во март оваа година, беше забележано дека условите, во кои девојчињата ја издржуваат воспитно поправната мерка, ни приближно не ги задоволуваат стандардите. Тие немаат никакви услови за спортски и вокациски активности, немаат доволно групни и индивидуални активности, образовен процес, ниту пак соодветни материјални услови, а особено поради тоа што се во непосредна близина на возрасните осуденички. Девојчињата своето слободно време го поминуваат само два часа во дворот на установата. Дополнително, со осуденичките работи само една социјална работничка, која има обврска да работи и со возрасните осуденички, дополнуваат од Хелсиншки и МЗМП. Тие сметаат дека државата треба да изнајде решение за нивно сместување во објект кој ќе ги исполнува условите, како што е ВПД – Тетово. - Овој дом има капацитет за 110 лица, а во моментот таму воспитно поправна мерка издржуваат 18 лица. Членот 40 од Законот за извршување на санкции предвидува дека „децата според полот се сместуваат во посебни домови, а можат да бидат сместени во еден дом, но одвоено.” Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници апелираат државата во најкус рок да изнајде решение со кое девојчињата ќе бидат преместени во ВПД – Тетово, одвоено од машките лица. Само на овој начин девојчињата ќе имаат соодветни и хумани услови за издржување на воспитно поправната мерка, но и исполнување на целта поради која се упатени да ја издржуваат оваа мерка, а тоа е нивно соодветно превоспитување и враќање во општеството, велат оттаму. За нееднаквиот третман на девојчињата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 17 март 2022 година донесе одлука да покрене постапка по службена должност заради постоечки индиции за дискриминација врз основа на пол, род и дискриминација во пристап до образование врз основа на личен статус. ар/дма/