Хелсиншкиот комитет апелира да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните заради постигнување одредени политички цели
- Хелсиншкиот комитет за човекови права стравува од можното искористување на авганистанската криза во пресрет на локалните избори и упатува апел до медиумите, а особено до политичарите, да не п
Скопје, 18 август 2021 (МИА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права стравува од можното искористување на авганистанската криза во пресрет на локалните избори и упатува апел до медиумите, а особено до политичарите, да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните заради постигнување одредени политички цели.
Хуманитарната криза во Авганистан и владината најава за привремено прифаќање на бегалци од оваа земја очекувано е проследена со интензивен говор на омраза и обиди да се шири ксенофобија меѓу граѓаните, оценуваат од Хелсиншкиот комитет, посочувајќи дека во изминативе години, особено за време на бегалската криза во периодот 2015-2017, дезинформациските кампањи поврзани со бегалците и мигрантите биле постојано присутни во јавниот дискурс и, како што се вели во соопштението „иако реалноста целосно ги демантираше лажните вести за населување на стотици илјади мигранти и градење бегалски кампови, омразата продолжи да се одржува во континуитет и деновиве повторно доживува подем“.
-Ваквото искористување на судбината на луѓе, кои бегаат за да го спасат својот живот поради тоа што се соочени со смртни закани во својата земја, се коси со меѓународните конвенции на кои сме се обврзале како држава (Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации и Европската конвенција за човекови права), но и со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чија егзистенција е директно загрозена, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, најавуваат дека во наредниот период будно ќе ги следат случувањата на терен и ќе овозможат правна поддршка за 450-те хуманитарни работници, граѓански активисти, новинари, преведувачи и нивни семејства, кои ќе бидат прифатени во земјава и згрижени во неколку хотели.
-Комитетот исто така го следи и ксенофобичниот говор во јавноста и редовно ќе поднесува пријави за говор на омраза до надлежните институции, се наведува во соопштението од Хелсиншкиот комитет. аа/са/