Хамас го осуди обидот на Меѓународниот кривичен суд за апсење на нивните лидери
- Хамас денеска соопшти дека „силно го осудува“ обидот на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд за издавање на налози за апсење на највисоките лидери на милитантната група, меѓу кои и лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар и политичкиот лидер Исмаил Ханија
Газа, 20 мај 2024 (МИА) – Хамас денеска соопшти дека „силно го осудува“ обидот на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд за издавање на налози за апсење на највисоките лидери на милитантната група, меѓу кои и лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар и политичкиот лидер Исмаил Ханија.
- Движењето Хамас силно ги осудува обидите на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд да ја изедначи жртвата со џелатот со издавање налози за апсење против голем број лидери на палестинскиот отпор, се наведува во соопштението на милитантната група.
Меѓународниот кривичен суд денеска бара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на лидерот на Хамас, Синвар под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Појасот Газа.
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан посочи и дека се бараат налози за апсење на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за лидерот на бригадите Ал Касем, познат како Мохамед Деиф и за Ханија.
Со потерниците Меѓународниот кривичен суд го става Нетанјаху „во друштво“ на рускиот претседател Владимир Путин, по кого е издаден налог за апсење поради војната на Москва против Украина.
Судски панел ќе го разгледа барањето на Кан. ми/
фото: МИА архива