• петок, 05 декември 2025

Халанд е блиску до враќање на теренот

Халанд е блиску до враќање на теренот

Манчестер, 2 мај 2025 (МИА) - Закрепнувањето на Ерлинг Халанд оди според планот и напаѓачот наскоро ќе се врати во игра за Манчестер Сити, изјави менаџерот на тимот Пеп Гвардиола. Играчот веќе тренира, но нема да биде достапен за натпреварот од Премиер лигата против Вулверхемптон Вондерерс вечерва.

Халанд, кој постигна 30 гола оваа сезона, ги пропушти последните шест натпревари на Сити откако го повреди глуждот во победата над Борнмут во четвртфиналето на ФА Купот.

-Тој се подобрува. Повредата траеше шест недели, а сега е помеѓу четвртата и петтата недела. Се подобрува. Се надеваме дека во следните натпревари ќе биде достапен, изјави Гвардиола пред новинарите.

Сити се надева дека Халанд ќе биде целосно подготвен за финалето на ФА Купот на 17 мај и за Светското клупско првенство, кое започнува во јуни.

Сепак, овој турнир во Соединетите Американски Држави претставува проблем за Сити во однос на нивните подготовки за следната сезона. Доколку Сити стигне до финалето, нивната кампања нема да заврши до 13 јули, а доколку учествуваат во натпреварот од Комјунити Шилд, ќе ја започнат новата сезона четири недели подоцна, на 9 август. Ова не остава доволно време ниту за соодветен одмор, ниту за претсезонски подготовки, а Гвардиола признава дека нема решение за овој случај.

-Искрено, не знам. Би сакал да им дадам неколку недели одмор, но не можеме да им го дадеме тоа. Играчите треба да се одморат ментално и физички, но распоредот е распоред. Од самиот почеток знаевме дека претсезоната ќе биде кратка. Се надеваме дека ќе имаме здрави играчи. Ако имаме здрави играчи, можеме да ги ротираме и да управуваме. Проблемот е кога имаме повреди. Ако го имаме тоа, ќе имаме големи, големи проблеми, рече Гвардиола. дс

Фото: Архива

Остани поврзан