Франција му враќа на Бенин богатство украдено пред 130 години
- Франција денеска свечено му врати на Бенин 26 предмети од кралското богатство Абомеј, ограбени од колонијалните трупи во 19 век
Париз, 9 ноември 2021 (МИА) - Франција денеска свечено му врати на Бенин 26 предмети од кралското богатство Абомеј, ограбени од колонијалните трупи во 19 век.
Министрите за култура на двете земји, Розелин Башело и Жан-Мишел Абимбола, потпишаа договор во Елисејската палата за пренос на сопственоста на предметите, кои утре ќе му бидат вратени на Бенин по 130 години.
- Тоа е долгоочекуван симболичен, трогателен и историски момент, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, кој во 2017 година се обврза да го врати наследството на Африка.
Претседателот на Бенин, Патрис Талон и се заблагодари на Франција за враќање на културното наследство.
- Но, враќањето на овие 26 дела е само првата фаза, нагласи.
Меѓу делата што треба да се вратат утре, а кои беа изложени во музеј во Париз, се тотемските статуи на поранешното кралство Абомеј, како и тронот на кралот Беханзин, ограбен од француските колонијални трупи за време на грабежот на палатата Абомеј во 1892 година.
Експертите веруваат дека меѓу 85 и 90 отсто од африканското наследство е надвор од континентот. Од 2019 година, покрај Бенин, уште шест земји, Сенегал, Брегот на Слоновата Коска, Етиопија, Чад, Мали и Мадагаскар, поднесоа барања до Франција за враќање на наследството.
Враќањето на уметничките дела е карактеристика на „новиот однос“ што Макрон сака да го воспостави со Африка. ми/