• вторник, 26 ноември 2024

Филип Димитров: Решение меѓу Северна Македонија и Бугарија е можно ако двете страни разговараат како рамноправни

Филип Димитров: Решение меѓу Северна Македонија и Бугарија е можно ако двете страни разговараат како рамноправни
Скопје, 8 јануари 2022 (МИА) - Поранешниот бугарски премиер, и актуелен уставен судија Филип Димитров, за сегашната ситуација меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели дека решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали, а ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни. - Не сум во позиција да и давам лекции на владата. Но, лично јас сум убеден дека нема начин да се договориме ако не разговараме како рамноправни, со снисходливост, и без вршење притисок... Проблеми и напрегања не може да нема, но тие се надминуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: ‘Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!’ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд, вели во интервју за БГНЕС Димитров кој ја извршуваше премиерската функција меѓу 1991 и 1992 година. Во врска со историјата, Димитров вели дека таа е многу важна, но нагласува дека разбирањето за неа се избиструва со текот на времето. -Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени... Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка, вели Димитров. Во интервјуто тој зборува и за тоа како пред 30 години се одвивало признавањето на тогаш Република Македонија од страна на Бугарија. Одлуката за безусловно признавање на Република Македонија од Бугарија на 15 јануари 1992 година, посочува тој, му ја соопштил на Народното собрание. Запрашан која била водечката причина за признавањето на независноста на земјава, тој објаснува дека прашањето не било дали да се признае Македонија, туку кога и како. -Војната во Хрватска продолжи и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење. Во тоа време бригадирот Аспарухов нѐ плашеше со разузнавачки информации дека ако ја признаеме Македонија, ЈНА ќе ја нападне Бугарија, но јас сфатив дека ако нѐ спомнат нас, а не Македонија, тоа е само предизвикување страв, објаснува поранешниот бугарски премер Димитров. Другата причина, не помалку важна за брзање, според него, било тоа што не сакал да ја разгори националистичката реторика во Бугарија. -Постоеја шанси за националистичка интоксикација. Тогаш последиците би биле погубни. А се работеше за иднината на Бугарија како западна земја. Грција веќе беше во семејството, додека ние сакавме да влеземе во Европа и НАТО, со ужасна репутација како најсоветскиот сателит на веќе распаднатиот Советски Сојуз, појаснува тој. Тој додава дека Бугарија не смеела да си дозволи да ја пропушти можноста да се декларира како една од земјите кои навистина се стремат кон европските и евроатлантските интеграции. Запрашан кој бил предводник во оваа историска одлука, актуелниот бугарски уставен судија вели дека според Уставот, само владата можела да одлучува за признавањето – а Парламентот и Претседателот немале такви овластувања. вг/са/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан