• петок, 05 декември 2025

Фетаи - Дукај: Северна Македонија и Црна Гора го зајакнуваат партнерството за регионален развој

Фетаи -  Дукај: Северна Македонија и Црна Гора го зајакнуваат партнерството за регионален развој

Скопје, 1 октомври 2025 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, беше домаќин на министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, за време на неговата официјална посета во земјата.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Фетаи, средбата која се одржала со цел продлабочување на билатералната соработка, ја истакнала важноста на силните и пријателски односи меѓу двете земји, кои служат како модел за регионална соработка на Западен Балкан.

Фетаи и Дукај нагласиле дека Северна Македонија и Црна Гора одржуваат одлични билатерални односи, кои можат дополнително да се унапредат преку заеднички иницијативи во клучни области како реформата на јавната администрација, дигиталната трансформација и информациската безбедност. Овие сектори се од витално значење за модернизација на државните институции и за подобрување на услугите за граѓаните.

-Нашите две земји споделуваат заеднички цели и вредности. Преку размена на искуства и експертиза, можеме да постигнеме значителен напредок во реформите и да го зајакнеме регионалниот развој, истакнал Фетаи.

Фетаи и Дукај се согласиле дека продлабочувањето на соработката ќе се реализира преку заеднички програми и проекти, кои не само што ќе ги зајакнат врските меѓу Северна Македонија и Црна Гора, туку и ќе го поддржат одржливиот развој во целиот регион. Ова вклучува и иницијативи за усогласување со стандардите на Европската Унија, што е заедничка цел на двете земји во нивниот пат кон европска интеграција.

Официјалната посета на министерот Дукај, како што се наведува во соопштението, ја потврдува волјата на двете земји да продолжат со градење на мостови на соработка. Во наредниот период, се очекува интензивирање на заедничките активности, вклучувајќи заеднички работилници, регионални конференции и проекти финансирани од меѓународни партнери. Овие иницијативи ќе го зацврстат партнерството и ќе придонесат за економски и социјален напредок во регионот.

-Оваа средба е уште еден чекор кон зајакнување на врските меѓу Северна Македонија и Црна Гора, со јасна визија за заедничка иднина базирана на соработка, иновации и одржлив развој, се наведува во соопштението. дма/вг/

Фото: Кабинетот на ЗПВРСМ

Остани поврзан