• четврток, 21 ноември 2024

УЈИЕ со кампања за подигање на свеста за зајакнување на жените во претприемништвото

УЈИЕ со кампања за подигање на свеста за зајакнување на жените во претприемништвото

Тетово, 7 ноември 2023 (МИА) - Фондацијата на Универзитетот на Југоисточна Европа, во партнерство со организацијата Хекима од Словачка почна кампања „Зајакни ја неа, зајакни ја нашата држава“ на национално ниво, која има за цел да ја нагласи важноста од зголемување на застапеноста на жените во полето на климатски интелигентни иновации и претприемништво.

Оваа национална кампања ќе се води на социјалните медиуми, a преку две видеа ќе се прави напор за инспирација за важноста од засилување на присуството на жените во иновативната и климатски паметна економија.

Кампањата се започнува затоа што жените во Северна Македонија се соочуваат со социјални проблеми кои се длабоко вкоренети во традиционалните, патријархални вредности и родовите улоги во семејството и општеството. Тие пречки го ограничуваат нивното целосно економско учество, вклучително и деловна сопственост или заземање раководни и високи позиции во компаниите. Учеството на жените во одлучувањето и креирањето политики во јавниот сектор е уште помало.

-Она што го прави овој проект уникатен е тоа што поврзува три важни и интерактивни области: родова еднаквост, економски развој преку иновативно претприемништво и климатски паметни решенија. Проектот ги опфаќа овие области и придонесува за позитивни промени преку подигање на свеста, вклучување на приватниот сектор, градење партнерства со креаторите на политиките во јавниот сектор, пренесување на искуството на невладините организации и експерти од Словачка и програми за квалитетна поддршка. Како дел од овој проект, оваа година успешно поддржавме 19 стартапи предводени од жени преку програмата за инкубација насочена кон градење иновативни, одржливи и климатски паметни компании, изјави Авни Арифи од Фондацијата на УЈИЕ.

Во рамките на кампањата, преземени се податоци од Светската банка според која жените поседуваат 36 проценти од бизнисите во ЕУ, наспроти 29,4 проценти во Северна Македонија (The World Bank Enterprise Survey about North Macedonia, 2019).

-Економското зајакнување на жените не само што го зајакнува просперитетот на нациите, туку и негува побогата средина за сите нејзини жители. Кога жените се овластени да станат и да напредуваат како претприемачи, општествата сведочат за подобрена безбедност на храната, зголемена отпорност на заедницата и пораст на одржливи економски можности. Спротивно на тоа, во услови каде што правата и слободите на жените се задушени, целото општество го сноси товарот. Вреди да се забележи дека во најсиромашните и најранливите нации, показателите за родова еднаквост се најниски“, објаснува Ивана Улица од Хекима, словачката партнерска организација.ас/бт/

фото УЈИЕ 

Остани поврзан