• сабота, 28 декември 2024

Тројца затвореници избегале од КПД „Идризово“, полицијата ги фатила и ќе бидат вратени во затворот

Тројца затвореници избегале од КПД  „Идризово“, полицијата ги фатила и ќе бидат вратени во затворот

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - Полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје денеска околу 16.45 часот ги лишиле од слобода И.Ј.(36), Е.Д.(36) и М.Р.(37), сите од скопското село Студеничани. Министерството за внатрешни работи информира дека околу 9 часот денеска тие побегнале од Казнено-поправната установа Затвор „Идризово“ каде што биле на издржување казна затвор.

-По преземени мерки и активности, тројцата биле забележани во село Долно Лисиче со патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки. Не застанале на знак за запирање даден од полициските службеници и продолжиле со движење кон село Јурумлери, но набргу биле пресретнати и лишени од слобода. Притоа, кај И.Ј. и Е.Д. биле пронајдени и одземени два ножа, соопшти МВР. 

И.Ј. бил осуден на вкупна казна затвор затвор од 11 години за сторени кривични дела по член 215, член 418-б и член 144 од Кривичниот законик, а имал за доиздржување пет години и три месеци.

Е.Д. бил осуден на казна затвор од седум години за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а имал за доиздржување 18 месеци од казната.

М.Р бил осуден на казна затвор од осум години и три месеци за сторени кривични дела по член 215 и член 418-б од Кривичниот законик, а имал за доиздржување три години од казната.

Тие ќе бидат спроведени во казнено-поправната установа за доиздржување на казната. хс/цр

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан