Треновски за МИА: Можен раст на каматите на кредитите, инфлацијата ќе бледнее на крај на годината
- Со последното зголемување на три проценти на референтната каматна стапка граѓаните може да очекуваат во догледно време каматните стапки како депозитите, така и на кредитите да се зголемуваат
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Зголемувањето на референтната каматна стапка на три проценти во догледно време може да ги зголеми каматните стапки на депозитите и на кредитите со флексибилна каматна стапка, а поради неизвесниот период во кој се наоѓаме, побарувачката на кредити и задолжувањето треба да биде претпазливо, оценува во изјава за МИА универзитетскиот професор Борче Треновски.
Генералните очекувања се дека растот на инфлацијата ќе почне да бледее кон крајот на годината, меѓутоа намалувањето и стабилизирањето на цените ќе биде посебно видливо со почетокот на следната година.
И покрај претходните последователни и одмерени зголемувања на референтна каматна стапка од страна на Народната банка, според Треновски, она што генерално се забележува е дека домашните комерцијални банки скромно ги заостриле кредитните услови (дури определени банки имале олабавување) и зголемувањето на нивните каматни стапки било малку видливо - ефектите од политиката на Народната банка почнаа да се чувствуваат последните месеци, паралелно со постепеното намалување на прекумерната ликвидност во банкарскиот сектор, кога најпрвин почнаа да се појавуваат нови понуди (со повисоки каматни стапки) на страната на прибирањето депозити (штедењето).
-Со последното зголемување на три проценти на референтната каматна стапка граѓаните може да очекуваат во догледно време каматните стапки како депозитите, така и на кредитите да се зголемуваат – оние кои имаат кредити со фиксни камати немаат основа за грижа, кај оние кредити со флексибилна каматна стапка можно е да има соодветно прилагодување во зависност од проценките и политиките на конкретната банка. Меѓутоа, во овој неизвесен период во кој се наоѓаме, претпазливоста на домаќинствата и на компаниите секако треба да се зголемува и побарувачката на кредити и задолжувањето треба да биде претпазливо, одмерено и согласно можностите - претпазливи треба да бидат и банките во селектирање на своите портфолија, водејќи сметка за својата стабилност - оттука реакцијата на Народната банка и повисоките каматните стаки на пазарите се резултат на ваквото окружување, вели Треновски, кој е професор на Економскиот факултет во Скопје.
Заострувањето на условите на централните банки може да делува во насока на рецесија доколку зголемувањето од централните банки излезе од контрола и ги надмине разумните граници.
Како што објаснува Треновски, економската логика упатува на тоа дека заострените политики било монетарни (централните банки) или фискални (зголемените даноци/намалените јавните расходи) влијаат на инхибирање, отстапување на економската активност. Меѓутоа, вели професорот, во ситуацијата во која се наоѓа глобалната економија се вагаат последиците од зголемената инфлација на една страна и последиците кои евентуално би дошле со повисоките каматни стапки како резултат на реакциите од централните банки. Во ваквото вагање, вели Треновски, треба да се користат сите расположливи алатки/средства и од централните банки и од владите, но, како што укажува, не смееме да заборавиме дека високата стапка на инфлација носи сериозен трошок, односно претставува своевидно општо оданочување (обезвреднување) на финансиите на сите граѓани и сама по себе има неповолни економски ефекти, ( го намалува животниот стандард - слично на рецесијата).
Оттука, прецизира професорот, миксот на политики е изборот на најголемиот број земји - затегање на монетарната политика (повисоки каматни стапки од централните банки) да се заузда инфлацијата и поддршка на најранливите граѓани и бизниси преку владината фискална политика за да се ублажи ударот на животниот стандард.
-Изолираното влијание на само една политика без да се земе предвид целиот сет на економскиот одговор од сите страни (па и реакцијата од економските субјекти) е тешко да се утврди. Рецесијата за која зборувате многу повеќе е веројатно е дека може да дојде како резултата на неизвесноста/стравот од воениот конфликт во Украина (и се уште пандемијата) кој би можел да ја задуши побарувачката и бизнис активноста - отколку од зголемените каматни стапки на централните банки. Се разбира доколку ова зголемување од централните банки не излезе од контрола и не надмине некои разумни граници, објаснува Треновски за МИА.
Тој ја коментира и одлуката на Советот на НБ за намалување на задолжителната резерва на банките за износот на кредити за обновлива енергија и оценува дека е со повеќестрана добивка. Препорачува да има такви мерки и во други сегменти.
-Логична и прецизна реакација на Народната банка- можеби вакви таргеирани мерки треба да има и во други сегменти и Народната банка треба похрабро да ги користи, посебно во услови на кризи детермининрани од нестандардни фактори. Оваа мерка обезбедува повеќестрана добивка - се зголемуваат расположливите средства и се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, ова во услови на енергетска криза и силен раст на цените може да води кон ублажат притисоците на овој сегмент од економијата, што понатаму може да влијае врз домашните цени (на енергијата и поврзаните проеизводи) и животниот стандард на граѓаните, вели професорот Треновски.
Во однос на очекувањата за инфлацијата, како што нагласува, ја делиме глобалната судбина, со бледнеење на нејзиниот раст кон крајот на годината, со посебно видливо намалување и стабилизирање на цените со почетокот на следната година
Глобалните очекувања за инфлацијата, вели Треновски, се дека веќе кон крајот на годината ќе го загуби здивот и со почетокот на 2023 година ќе биде забележано позначајно намалување и постепено (како што ќе изминува годината) нејзино приближување кон пред кризното ниво.
Во последните неколку месеци веќе е евидентен глобален тренд на намалување на цените на храната (масло, шеќер, месо, житни култури ...) и на дел од суровините и материјалите. Но, предупредува Треновски, неизвесноста посебно од воениот конфликт во Украина значајно ги комплицира прецизните проекции, пред се, на европско тло – овој конфликт покрај реалните економски ограничувања кои ги предизвикува, има уште посилни и тешко мерливи влијанија врз очекувањата/стравот/одесувањето на економските субјекти. Ваквата неизвесност/страв, дали ќе има храна и енергија.., од една страна влијае на успорување на економската активност, додека од друга дополнително го зголемува притисокот, побарувачката и цените на клучните производи.
-Во нашата увозно зависна и отворена економија иако инфлацијата се уште се зголемува, темпото на пораст се намалува - значи растот на инфлацијата успорува, таа во периодот јануари - август е 11,6 проценти) како што успорува забрзан автомобил кој одел по удолница па вака забрзан се качува по угорница , но, потенцира Треновски, ова качување губи полет и енергија. Оттука и ние ја делиме глобалната судбина и генералните очекувања се дека растот на инфалцијата ќе почне да бледее кон крајот на годината, меѓутоа намалувањето и стабилизирањето на цените ќе биде посебно видливо со почетокот на следната година - се разбира ако не се појави некоја нова економска или безбедносна „удолница" за автомобилот пак да забрза, вели за МИА Треновски.
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка завчера донесе одлука каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 проценти до нивото од 3 проценти, а каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,5 процентни поени, на нивоата од 0,90 проценти и 0,95 проценти, соодветно. При носењето на одлуката се земени предвид движењата кај инфлацијата, којашто и во август се зголемуваше, но поумерено. Овие измени, според НБ, би придонеле за натамошно поттикнување на штедењето во домашна валута, што би се постигнало преку промени во каматната политика на банките во корист на понуда на релативно поповолни камати на денарските депозитни производи.
Бруто домашниот производ во вториот квартал годинава оствари реален раст од 2,8 проценти на годишна основа, што е целосно според априлските проекции на Народната банка, но како што оценија оттаму, се зголемуваат надолните ризици за растот во следниот период.
-Расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал се ограничени, но поради постојаните надолни ревизии на странската побарувачка предизвикани од воениот конфликт во Украина и сè подлабоката енергетска криза, се зголемуваат надолните ризици за растот во следниот период, смета НБ.
Просечна инфлација во периодот јануари – август годинава од 11,6 проценти на годишно ниво и понатаму главно произлегува од надворешни фактори на страната на понудата. Најголем придонес за растот на домашната инфлација, информираше централната банка, има порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електричната и топлинската енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. лв/бак/