• петок, 20 декември 2024

Трајковски: Зајакната сигурноста за мирна ноќ на жителите во Тработивиште

Трајковски: Зајакната сигурноста за мирна ноќ на жителите во Тработивиште
Делчево, 5 август 2021 (МИА) - Педесетина припадници на Армијата вечерва ќе бидат стационирани во селското училиште во делчевското село Тработивиште, со цел селаните да бидат сигурни дека огнот кој попладне се распламти и упати во правец кон Тработивиште нема да влезе во селото. Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски брифираше дека е направен појас со машини и багери, со што дополнително ќе биде зајакната сигурноста на жителите.
-Со тоа се надеваме дека нема да влезе огнот во селото за да направи поголеми последици овде и по луѓето и по нивните куќи и имоти. Освен 50-ина луѓе од Армијата, кои се стационирани во училиштето, имаме две цистерни од Територијалната противпожарна единица од Делчево кои ќе дежураат овде. Имаме и помош од гранична полиција каде што има танкови со вода за да може да се врши дополнување со вода, иако овде има хидрант за дотур на цистерните за населението во селото Тработивиште да се чувствува сигурно во текот на ноќта, рече Трајковски.
Нагласи дека е побарано и за утринските часови веќе има одобрено хеликоптерска поддршка, со цел да биде изгаснат огнот над селото.  
  Во однос на помошта од територијалните противпожарни единици од Словенија и од Бугарија, Трајковски додаде дека биле на терен до 20 часот, по што, како и претходните вечери, ќе бидат стационирани околу селото. Во случај на екстремни потреби, изрази  уверување дека ќе се вклужат напомош и дека ќе ја следат ситуацијата во Тработивиште. вс/хс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан