• вторник, 10 март 2026

Трансродната ќерка на Елон Маск се појави на ревијата на Александар Мек Квин во Париз

Трансродната ќерка на Елон Маск се појави на ревијата на Александар Мек Квин во Париз

Париз, 10 март 2026 (МИА) - Трансродната ќерка на Илон Маск, Вивијан Џена Вилсон, привлече големо внимание за време на Модната недела во Париз (од 2 до 10 март), дефилирајќи на пистата. Во својата објава на Инстаграм, таа истакна дека ѝ е „голема чест што продефилира за Меквин“, нагласувајќи го значењето на брендот чии колекции со децении будат огромен интерес кај светската јавност.

На пистата таа носеше црн мини фустан-сако со нагласен струк и низа копчиња кои дополнително ја истакнуваа силуетата. Под сакото се гледаше висока чипкана јака, која на целокупниот изглед му даваше доза елеганција. Комбинацијата беше надополнета со високи црни чизми до колена и мала црна чанта. Со пуштена коса и дискретна шминка, во прв план останаа кројот и деталите на самата облека. Целиот изглед делуваше елегантно, по малку строго и со доза на готски стил, по кој оваа модна куќа е препознатлива.

Актуелната колекција е дело на креативниот директор Шон Мекгир, инспириран од филмот „Безбедна“ (Safe) од 1995 година, во режија на Тод Хејнс. Идејата беше пренесена и во самата сценографија на ревијата, каде гостите беа распоредени во три одделни зони околу централната платформа. Ваквиот концепт создаде атмосфера на заедничко искуство, наместо класичен моден спектакл.

Преку колекцијата беа истакнати препознатливите елементи на брендот: кожни панталони со патенти, мини здолништа и парчиња инспирирани од архивските колекции на модната куќа од деведесеттите години. Дизајнот во голема мера е насочен кон генерацијата З, а меѓу гостите во првиот ред се најдоа и познати имиња како Чапел Роан, Мајхала и Софи Тачер. мв/ссм/

Фото: Инстаграм - принтскрин

 

Остани поврзан