• понеделник, 23 декември 2024

Тасевски: Конкурсот за контролори на летање да се реализира според регулативата

Тасевски: Конкурсот за контролори на летање да се реализира според регулативата
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Како синдикат и како професионалци нема да отстапиме од намерата за целосно спроведување на конкурсот за контролори на летање во М-НАВ, давателот на услуги на воздухопловна навигација, како што е по регулатива, изјави за МИА Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ). Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво - помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што, како што вели, се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ, што ја поминале 12 од 250 пријавени апликанти. Како што објаснува, компанија на која државава и делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во земјава, уште не одобрила да почне обуката на избраните кандидати, иако за изборот била задолжена лиценцирана фирма од Данска. Тасевски вели дека веќе имале разговори со раководството на  М-НАВ од кое побарале да почне обуката на избраните кандидати и укажале на последиците доколку таа не биде спроведена. - Во целиот избор се вклучивме како набљудувачи за да бидат избрани навистина квалитетни кандидати, како што беа од претходната класа. Изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички финкционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а  можно е да треба да плаќаме пенали, рече Тасевски. Тој најавува дека доколку не заврши успешно процесот на подготовка за работа на нови контролори ќе побарат разрешување на директорите од нивните функции. лв/сп/

Остани поврзан