• недела, 22 декември 2024

Таравари: Мора да се реагира на говор на омраза, владината коалиција е стабилна

Таравари: Мора да се реагира на говор на омраза, владината коалиција е стабилна

Скопје, 23 август 2024 (МИА) -Мора да се реагира против говор на омраза особено кога доаѓа од јавни личности кои што имаат некаков импакт, бидејќи со тоа се подгрева меѓуетничка нетрпеливост, изјави министерот за здравство Арбен Таравари коментирајќи ја кривичната пријава што коалицијата „Вреди“ ја поднесе денеска за Петар Богоевски од Македонски концепт.

-Чувствата се многу персонална работа, многу инивидуална, многу интимна, меѓутоа кога со тоа вие кажувате лоши зборови, изразувате гнев, говор на омраза, тоа верувајте дека кај повеќето Албанци веќе предизвикува и револт. Јас мислам дека мора да се реагира за да почнеме да сфаќаме дека меѓу себе кој било може и да не се сакаат меѓутоа мора да се почитуваат народите коишто живеат. И ако почнеме со ваков говор, ќе има некој друг што ќе каже нешто друго. Вака подгреваме да има и недоразбирање, меѓутоа и спротивставување меѓу етничките заедници што живеат во Македонија. Јас мислам дека некако мора да се реагира, да се каже, ваков говор на омраза не смее да има барем од јавни личности. Не знам можеби обичен човек може да каже, меѓутоа луѓе коишто имаат некаков импакт, јас се сомневам дека господинот Богоевски има некаков импакт во општеството, меѓутоа сепак тоа е многу ниско, рече Таравари во гостување на „Вести Плус“ на Канал 5 телевизија.

Во однос на владината коалиција, прашан дали таа е разнишана по изјавите на коалицискиот партнер Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ  за наша Македонија, како и поднесувањето на пријавата кон Богоески, Таравари смета дека таа е стабилна. Посочи дека морале да поднесат пријава против Богоески, бидејќи вели станува збор за непримерно однесување и оти треба да има респект или коректност барем меѓу луѓето кои се занимаваат со политика.

За интерпелацијата поднесена против претседателот на Собранието Африм Гаши, тој го повтори ставот дека нема да ја поддржат, а за партнерите во владејачката коалиција, остава тие сами да кажат.

-Не сметам дека господинот Гаши направил нешто што не е законски. За жал во одредени функции, одредени луѓе треба нон стоп да ги обезбедува некој. Знам дека господинот Гаши побарал да има намалување на обезбедувањето, барем да се движи кога е приватно...Јас колку што знам дека беше преминот на граница. Меѓутоа знаете како е, тој и да сака не смее да оди без пропратни возила коишто се службени, кажа Таравари во врска со одењето на собранискиот спикер на свадба во Косово со државно службено возило и обезбедување, при што и цивилни возила ја поминале границата покрај службеното возило на Гаши.

Тој не очекува опозициската ДУИ во септември да предизвика какви било ескалации.

-Јас не верувам. Мислам дека ДУИ тешко се навикнува во опозиција, меѓутоа ќе се навикнат полека. Им треба време. Јас ги разбирам дека им е непријатно и позади нив оставија многу работи коишто се лоши и за граѓаните и за општеството, и за државата, доста фрустрации кај повеќето луѓе поради нивните злоупотреби и криминали што ги правеа. Ние како министерства работиме за да објавиме одредени неправилности и криминали што ги направиле. Се надевам дека во септември повеќе ќе има случаи кон ДУИ отколку дека ДУИ ќе направи нешто. Меѓутоа тие се свесни за ова, и веќе некако подготвуваат терен дека доколку има некакви настани во коишто ќе се покренат одредени иницијативи за функционери на ДУИ, пред тоа некако да кажат дека е тоа реваншизам кон ДУИ или не знам што. Меѓутоа јас се надевам дека ќе разберат дека се во опозиција и дека ќе продолжат да функционираат како опозициска партија, рече министерот за здравство Арбен Таравари кој е дел од коалицијата „Вреди“. вг/лв/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан