• петок, 22 ноември 2024

Талентираната Алексовска најмлада повикана кошаркарка во сениорската репрезентација за квалификации за Евробаскетот 2023

Талентираната Алексовска најмлада повикана кошаркарка во сениорската репрезентација за квалификации за Евробаскетот 2023
Крива Паланка, 4 ноември 2021 (МИА) - Талентираната кривопаланечка кошаркарка, шеснаесетгодишната Михаела Алексовска од кошаркарски клуб Крива Паланка е најмладата повикана на поширокиот список за квалификациите за Еврoбаскетот во 2023 година што го објави селекторот Александар Ашаданов. Алексовска е повикана на официјалниот почеток на подготовките што стартува вечерва, каде селекторот ќе комуницира со сите повикани 24 кандидатки, по што ќе биде познато кои од нив ќе се појават на подготовките во Скопје за претстојните дуели со Германија и  Босна и Херцеговина. - Нашиот клуб се гордее со Алексовска, која е капитен во јуниорскиот тим на клубот и првотимка во сениорската прволигашка екипа, што е концепт на поттикнување на развојот на младите играчи во КК Крива Паланка и вложување во нивниот напредок. Мела е капитен на тимот "златни девојки" што летово донесоа злато во кадетска конкуренција од Европскиот ФИБА челенџ турнир во Тбилиси, Грузија, а таа се закити со признанието МВП на истиот. Повикот за дел од поширокиот список на сениорската репрезентација е само надоврзување на препознавањето на нашата работа и потенцијалите на играчите што излегуваат од школата на нашиот клуб, изјави претседателот на КК Крива Паланка, Ведран Белешковски. Алексовска, благодарна за повикот, рече дека е пресреќна што е вброена во друштвото на најдобрите 24 кошаркарки од државата, бројни искусни репрезентативки со интернационални кариери, со акцент дека сон на секој млад спортист е да заигра во сениорскиот национален дрес. Овој свој сон, рече, ќе се труди да го реализира, оправдувајќи ја укажаната доверба. Квалификациите за Европското првенство во кошарка 2023 година ќе се одржат во Словенија и Израел, а нашиот најдобар женски национален тим првиот натпревар ќе го игра на 11 ноември, во Хале, близу Лајпциг. Вториот меч ќе го играме на домашен терен, на 14 ноември, во салата на СРЦ „Кале“, Скопје. ид/зс/

Остани поврзан