• сабота, 23 ноември 2024

Схинас: Младите во европската перспектива гледаат најдобра гаранција за нивниот начин на живот 

Схинас: Младите во европската перспектива гледаат најдобра гаранција за нивниот начин на живот 

Брисел, 10 јануари 2024 (МИА) – ЕУ е целосно посветена да одговори на грижите што ги имаат младите луѓе и да го зајакне нивниот глас на претстојните избори за членови на Европскиот парламент во јуни, порача денеска потпретседателот на Европската комисија за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас на прес-конференција во Брисел на која беа претставени резултатите и постигнувањата за време на „Европската година на младите 2022“ и идните активности на Унијата поврзани со младите.

- Кога ќе видиме млади луѓе како гордо ги носат европските знамиња на улиците на Белград, Киев, Тбилиси и Кишињев, тоа е показател дека во јасната европска перспектива тие гледаат  најдобра гаранција за нивниот начин на живот и за моделот на општество за какво се залагаат, изјави Схинас. 

Според него, во исто време, ЕУ сака да им овозможи на оние млади луѓе кои ја имаат привилегијата да живеат во нејзините граници, да станат и да говорат за слободата, мирот и демократијата, за отворените граници и за мобилноста. 

- Се надевам дека младите Европејци во јуни ќе бидат ѕидот за одбрана на демократијата од омразата и популизмот кои се закануваат да ја нападнат Европа, нагласи Схинас. 

Тој посочи дека не само 2022-та, туку и сите идни години треба да бидат години на младите луѓе во Европа, каде младите Европејци имаат единствена перспектива и силен интерес за учество во носењето на политички одлуки.  

- Важно е да може да се слушне нивниот глас и тоа не само на претстојните европски избори, кои се од суштинско значење за иднината на Европа, истакна Схинас. 

Еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова на истата прес-конференција посочи дека младите се лидери на иднината, но и носители на промените на денешните состојби, па затоа од суштинска важност е нивната вклученост во одлучувањето, бидејќи тие ќе живеат со последиците од тие одлуки.  

- Ова е причината зошто на младите им даваме посилен глас во креирањето на политиките на ЕУ и повеќе се посветуваме на областите важни за нив. Ова е нашата заложба за градење подобра иднина за следната генерација, додаде Иванова. 

Схинас и Иванова најавија дека како надоврзување на достигнувањата на „Европската година на младите 2022“, Европската комисија денеска донела одлуки за преземање неколку активности со кои ќе им овозможат на младите поголемо право на глас во носењето одлуки за прашања што ги засегаат и за продлабочување на младинската димензија во политиките на ЕУ. 

- Ставајќи ги потребите на младите во центарот на вниманието, овие активности ги ангажираат младите на значаен начин пред европските избори во 2024 година и во иднина, порача Европската комисија, нагласувајќи дека при дизајнирање на европските политики ќе се потруди систематски да биде земено предвид нивното влијание врз младите. 

Предвидено е со овие активности да се надополнат неколкуте механизми поврзани со младите во рамките на Стратегијата на ЕУ за млади 2019-2027 година, да се организираат политички дијалози меѓу младите луѓе и еврокомесарите и неколку тркалезни маси со учество на младите, како и да се воспостави нова платформа што ќе ја олесни континуираната размена на мислење и комуникација меѓу младинските организации, младите истражувачи, државните претставници и други институции на ЕУ.  

Комисијата, исто така, ќе го зајакне и Младинскиот дијалог на ЕУ, како најголем механизам за младинско учество во Европа, чиј фокус е насочен кон работната програма на ЕК. 

Само 25 проценти младите Европејци на возраст од 15 до 29 години биле вработени за време на нивното формално образование во текот на 2022 година, три отсто биле регистрирани како невработени,

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Еврокомисијата предлага конкретни активности поврзани со младите во сферата на здравјето и благосостојбата, животната средина и климатските промени, образованието и обуката, меѓународната соработка и европските вредности, како и вработувањето и инклузивноста. 

Како дел од овие мерки, Комисијата, предлага да продолжат активностите за воведување на единствена европска диплома во согласност со Европската стратегија за универзитетите, потоа да се воспостави редовна комуникација и консултации со младинските организации од целиот свет преку Платформата за младински дијалог за надворешни работи на ЕУ, да се обезбеди правично наградување и пристап до социјална заштита, да се изработат упатства за подобрување на условите во училиштата, да се спроведе кампања меѓу младите за значењето на заштитата на климата и демократијата пред европските избори во 2024 година, да се зголемат можностите за волонтерски активности на младите луѓе поврзани со зелената транзиција, како и за да им се помогне на обесправените млади на возраст од 18 до 29 години да се интегрираат во општеството и пазарот на труд, преку обука поврзана со работа во странство. 

Со цел да ја приближи ЕУ до младите луѓе, ЕК во периодот од 12 до 19 април 2024 година ќе организира „Европска недела на младите“, при која фокусот ќе биде на демократското учество и гласањето пред изборите за Европскиот парламент.  

- „Неделата“ ќе го слави и промовира младинскиот ангажман, вклученоста и активното граѓанско учеството преку низа активности низ цела Европа, посочи Европската комисија. 

Во рамки на „Европската година на млади 2022“ беа спроведени над 13.000 активности организирани од повеќе од 2.700 субјекти, меѓу кои и институциите на ЕУ, земјите членки и организациите кои работат со и за младите луѓе. При овие активности, Комисијата идентификувала повеќе од 130 политички иницијативи поврзани со младите луѓе, од кои повеќето биле реализирани во тесна соработка со нив. сп/

Фото: ЕБС/МИА Архива

Остани поврзан