• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Судир меѓу полицијата и демонстранти на протестот за поддршка на уапсениот градоначалник во Истанбул

Судир меѓу полицијата и демонстранти на протестот за поддршка на уапсениот градоначалник во Истанбул

Истанбул, 19 март 2025 (МИА) - На протестот за поддршка на уапсениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, дојде до конфликт меѓу полицијата и студентите на Универзитетите од овој град на Босфор.

Студентите протестираа против неговото апсење, како и поради вчерашното поништување на дипломата на Имамоглу од страна на Универзитетот во Истанбул поради наводни неправилности, објавија турските медиуми.

Стотици студенти ги пробија полициските барикади, а тензиите на одредени места ескалираа по острата интервенција на полицијата.

За време на конфликтот, голем број студентки паднале на земја.

Претходно, демонстрантите, кои денеска протестираат пред главниот полициски штаб во Истанбул, најавија дека приведувањето на главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, градоначалникот на тој град, Екрем Имамоглу, претставува удар за турската демократија.

Повеќе од 100 луѓе се собраа во близина на полициското седиште, каде што Имамоглу беше одведен откако беше уапсен, извикуваа пароли за поддршка на градоначалникот и антивладини слогани, пренесоа британските медиуми.

Турските власти утринава го приведоа Имамоглу од главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, што предизвика протести и негодување од опозицијата.

 Безбедносните сили ги блокираа улиците кои водат до седиштето на полицијата, а распоредени се и полициски единици за итна помош и камиони со водени топови.

 Имамоглу во своето прво обраќање по апсењето на платформата X рече дека турскиот народ ќе одговори на „лагите, интригите и замките“ насочени против него.

 Турските власти, по апсењето на Имамоглу и 100 други лица, вклучувајќи го и помошникот на градоначалникот, Мурат Онгун, воведоа ограничувања за пристап до социјалните мрежи, вклучително и X, ЈуТјуб,Инстаграм и ТикТок.

Канцеларијата на градоначалникот на Истанбул ги забрани сите јавни собири откако Имамоглу беше уапсен.

 Имамоглу (54) ги засили критиките кон Ердоган и турската влада во последниве месеци, што предизвика обвиненија против него.

Универзитетот во Истанбул вчера објави дека му ја укинал универзитетската диплома на градоначалникот Имамоглу поради наводни неправилности кои не се во согласност со прописите на Одборот за високо образование.

Имамоглу рече дека одлуката за откажување на неговата диплома, која е потребна за претседателска кандидатура, е незаконска.

 Во соопштението, универзитетот наведува дека 38 лица, вклучително и Имамоглу, ги префрлиле своите студии на Факултетот за менаџмент на програма на англиски јазик во 1990 година на нерегуларен начин.

Британските медиуми наведуваат дека потегот на Универзитетот во Истанбул доаѓа во време на репресии на турската влада против опозициските фигури, особено кон Имамоглу.

Имамоглу е главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а опозицијата за неколку дена треба да го избере својот претседателски кандидат на следните избори.

Водачот на ЦХП, Озгур Озел, рече дека без оглед на одлуката на универзитетот да ја откаже дипломата, партијата ќе го именува Имамоглу за свој претседателски кандидат на 23 март за изборите во 2028 година.сд/

фото:

Остани поврзан