Субвенции до 30 проценти од вкупниот износ за реконструкција на постојни кровови и лифтови во зградите во Општина Центар
- Општина Центар го објави Јавниот повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на општината.
Скопје, 7 јуни 2022 (МИА) - Општина Центар го објави Јавниот повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на општината.
Јавниот повик, како што појаснуваат од Општината, се однесува за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери.
Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки, додаваат, е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во Јавниот повик.
- Проектот се поддржува со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар-Скопје, во висина од 30 посто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари за секоја одобрена апликација. Јавниот повик ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ и се однесува на станбени објекти постари од 15 години, наведуваат од Општина Центар.
Јавниот повик ќе биде отворен заклучно до 7 јули 2022 година, а за целосната постапка за аплицирање и потребна документација може да прочитате на линкот, објавен на веб-страницата на Општина Центар. мс/дма/