• вторник, 05 ноември 2024

Стражај: Словачка докажа дека цврсто стои зад Северна Македонија за нејзиниот влез во ЕУ

Стражај: Словачка докажа дека цврсто стои зад Северна Македонија за нејзиниот влез во ЕУ
Скопје, 27 јануари 2021 (МИА) - Словачка на состанокот на ЕУ во декември докажа дека цврсто стои зад македонскот народ и целосно го поддржуваме процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, изјави денеска Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА). - Ставот на Словачка укажа на одредени неправедни услови во процесот на пристапување. Позицијата на Словачка и на Чешка покажа оти се уште има земји членки во Унијата, коишто трезвено размислуваат кога станува збор за праведност на процесот на проширување и на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, рече Стражај. Стражај говореше на Осмата сесија од вториот циклус на Работната група 2 – Социјална политика и вработување – Поглавје 19, на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од Ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат“ на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК). Тој се осврна на мерките во борбата против последиците од пандемијата што ги презедоа владите и на Северна Македонија и на Словачка, особено за справување со последиците од ковид-кризата, што најмногу ги засегна малите и средни претпријатија и се покажаа како најранливи во оваа криза. - Важно е да нагласам, освен помошта на владите, е дека имавме заеднички одговор на ниво на Европска Унија - планот за обнова на економијата што ЕУ го усвои на Самитот во декември, што покажа дека земјите членки на ЕУ можат да се обединат во заедничките цели и да ги здружат силите во борба против пандемијата и нејзините ефекти, рече Стражај, потсетувајќи оти голема помош беше одделена и за Западен Балкан за да се справи со кризата. Според него, обединетоста на ЕУ во однос на планот на закрепнување на економијата, што ги вклучува и земјите од регионот, покажува дека Западен Балкан има јасна европска перспектива и оти тука нема сомневање. - Волјата на ЕУ да ги сподели ресурсите со земјите од вашиот регион, покажува дека Западен Балкан има јасна перспектива во Европската Унија и оти Унијата нема да остане само на сегашните 27 членки, туку во неа ќе се вклучат и неколку други, а меѓу нив верувам дека и Северна Македонија ќе има свое цврсто место, оцени директор на Словачката асоцијација за надворешна политика, Стражај. нд/сп/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан