• среда, 03 јули 2024

Стефан Ристовски потпиша за Динамо Загреб

Стефан Ристовски потпиша за Динамо Загреб
Загреб, 2 февруари 2021 (МИА) – Македонскиот фудбалски репрезентативец Стефан Ристовски премина во редовите на Динамо Загреб, соопшти вечерва актуелниот хрватски шампион. Ристовски, како што е соопштено, потпишал повеќегодишен договор со најтрофејниот хрватски клуб и веќе во следните денови ќе им се приклучи на своите нови соиграчи. - Горд сум и среќен што станав играч на Динамо. Ми претставува големо задоволство и чест што можам да потпишам договор со клуб што има најмногу освоени титули во Хрватска и редовно учествува во натпреварувањата на УЕФА, и тоа со голем успех и забележителни резултати.  Го познавам капитенот (Аријан) Адеми, кој е мој соиграч во репрезентацијата, а, исто така, тука се и неколку мои поранешни клупски колеги. Тоа, секако, ме прави дополнително среќен, изјави Ристовски по потпишувањето на договорот на стадионот „Максимир“. Десниот бек на македонската репрезентација доаѓа во редовите на Динамо од Спортинг каде мина три сезони по трансферот од хрватскиот прволигаш Риека. Претходно во кариерата што ја започна во скопски Вардар, Ристовски настапуваше и за Парма, Кротоне, Фросиноне, Бари, Латина и Специја. Ристовски беше во потрага по нов клуб за да остане во натпреварувачки ритам пред претстојното Европско првенство, откако во изминатиот период го загуби првотимскиот статус во Спортинг. ег/оџ/

Остани поврзан