• среда, 27 ноември 2024

Стартува масовната вакцинација, за денеска закажани термини за 3000 граѓани

Стартува масовната вакцинација, за денеска закажани термини за 3000 граѓани
Скопје, 5 април 2021 (МИА) – Масовното вакцинирање на населението против Ковид-19 во земјава официјално ќе почне од денеска во А1 Арената (сала „Борис Трајковски“). Закажани се термини за 3000 граѓани, кои ќе бидат вакцинирани со руската вакцина „Спутник В“. Во оваа фаза ќе бидат имунизирани лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачки во градинките, вработени на патарини и други. Според планот за имунизација, вакцинацијата со 20 000 руски вакцини „Спутник“, донација од Србија, ќе се одвива на 48 пункта. Во салата завчера беше направена проба како ќе функционира и ќе се координира масовната вакцинација – местата каде ќе се прави приемот на граѓаните, потоа индивидуалниот преглед и вакцинирањето, пунктови каде ќе се издаваат потврди со термини за ревакцинација, местото за фрижидерите за вакцините и друго. Ќе има тим од 20-ина медицински сестри и пет доктори во две смени. Во салата одредени се места каде вакцинираните ќе бидат под опсервација 15 до 20 минути. На самото место ќе има екипи на Итна медицинска помош, доколку има потреба да интервенираат. Министерот за здравтсво Венко Филипче завчера при посетата на А1 Арената изјави дека на почеток во просек околу 4 000 луѓе дневно ќе бидат вакцинирани низ државата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат  7000 термини во еден ден, кога системот ќе профункционира во целост. Од средата минатата недела почна вакцинацијата на лица над 77 години со вакцините на „Астра Зенека“. Вакцинацијата се одвива во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Минатата недела во земјава стигнаа 24.000 вакцини на „Астра Зенека“, а за лицата над 75 години ќе се искористат 20 илјади. Лицата помлади од 60 години нема да се вакцинираат со „Астра Зенека“. Оваа одлука нашите здравствени власти ја донесоа по примерот на Канада и на Германија. Но, за вакцините на „Астра Зенека“ се чека и официјалната одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „Астра Зенака“. Процесот на имунизација против коронавирусот, кај нас почна 16 февруари, со вакцинирање на здравствените работници. Досега се вакцинирани 7005 здравствени работници. Над 4000 примија вакцина на „Фајзер“ и беа ревакцинирани. Околу 10.000 наши граѓани ја искористија можноста да се вакцинираат во соседна Србија. Во земјата досега има пристигнато 78 илјади вакцини, од кои 48 илјади се донација од српската Влада. ир/лв/

Остани поврзан