Стано: Европската унија не е надлежна за давање безбедносни гаранции за Украина
- Ние не сме безбедносна организација, така што дискусиите за безбедносните гаранции се дискусии за НАТО и за одделни земји, но не и за ЕУ како организација, рече портпаролот на брифинг со новинарите во Брисел.
Брисел, 8 август 2023 (МИА) - Европската унија не може да обезбеди безбедносни гаранции за Украина бидејќи тоа не е во нејзина надлежност, изјави денеска портпаролот на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Петер Стано.
-Ние не сме безбедносна организација, така што дискусиите за безбедносните гаранции се дискусии за НАТО и за одделни земји, но не и за ЕУ како организација, рече портпаролот на брифинг со новинарите во Брисел.
Тој додаде дека ЕУ го поддржува Киев во неколку области, вклучително и воената, што, како што рече, се рефлектира во испраќањето оружје за одбрана на Украина од руската агресија, но дека кога станува збор за безбедносните гаранции, таа може само да ги поддржи.
-Тоа им останува на земјите-членки кои можат да обезбедат таков вид гаранција, рече Стано.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно побара безбедносни гаранции од НАТО и западните партнери за неговата земја.
На 12 јули, членките на Г7 објавија меѓународна рамка која го отвора патот за долгорочни безбедносни гаранции за Украина со цел зајакнување на нејзината одбрана од Русија и одвраќање на Москва од идна агресија.
Зеленски минатата недела кажа дека уште 12 земји се приклучиле на декларацијата на Г7 за безбедносни гаранции за Киев. сд/