Станбените згради без или со оштетени хидранти, противпожарните скали не функционираат
- Велосипеди, мотоцикли и стар мебел се само дел од работите оставени на хоризонталните коридори во станбените згради. Се остава сè она што не му е потребно на едно домаќинство, без притоа да с
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) - Велосипеди, мотоцикли и стар мебел се само дел од работите оставени на хоризонталните коридори во станбените згради. Се остава сè она што не му е потребно на едно домаќинство, без притоа да се води грижа дека со тоа се отежнува евакуацијата на граѓаните во случај на пожар. Хидранти нема или се оштетени, а во новите згради ги има сите елементи само при техничкиот прием на зградата, а потоа за краток период нема ништо.
Ситуацијата е очајна, велат од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје за МИА, додавајќи дека работата е отидена дотаму што не само противпожарните скали, туку и хоризонталните коридори се затрупани со сè и сешто.
- Имаме и случај кога на седми кат има оставено веспи. Сето тоа ја отежнува евакуацијата во случај на незгода без разлика дали е тоа пожар, земјотрес или нешто друго, вели командантот на ТППЕ Скопје, Звонко Томески.Тој апелира што поскоро да се отстранат сите овие недостатоци затоа што, вели, имало и ситуации кога не можеле побрзо да интервенираат бидејќи ги немале сите потребни елементи за една интервенција.
Од Противпожарниот сојуз на Град Скопје во изминатите 15-тина години посетиле околу 2.800 станбени објекти при што констатирале низа неправилности.
Во 98 проценти од случаите нема хидранти или се оштетени, а не работат ниту т.н. панични светла. Противпожарните скали во зградите над 22 метри делумно се во функција, но дел се затворени или узурпирани со покуќнина.
- Во станбените блокови со неколку влеза, на горниот кат има излез од еден во друг влез во случај на пожар. Таквите делови не можеме да ги контролираме – урузпирани се или се затворени. Во Кисела Вода пред десетина години од такви причини имаше четири жртви, вели претседателот на Противпожарниот сојуз на Град Скопје, Петар Плотников, во разговор за МИА.
Извештаите од направениот увид на терен ги доставуваат до Дирекцијата за заштита и спасување, но посочуваат дека мал е бројот на инспектори и има системски проблеми поради кои опасноста од пожари останува.
- Сме се обиделе да ги информираме инспекторите, но и тие се немоќни. Ќе дојде инспекторот во зградата, ќе направи увид и ќе ги констатира неправилностите. Ќе направи записник и ќе наложи да се оспособат хидрантите. Инспекторот има овластување да даде рок до кога треба да се поправат недостатоците и ако не се запази рокот да биде изречена парична казна. Но, и да изрече парична казна, состојбата на терен повторно останува иста. Додека нема правно решение и институција која ќе го реши ова, останува опасноста од пожари, појаснува Никола Бојковски, почесен претседател на Противпожарниот сојуз.
Од Противпожарниот сојуз велат дека тешко се менуваат работите, но тие се ентузијасти и се надеваат дека со ваквите активности нешто ќе сменат.
- Нашата активност е превентивно-едукативна. Ефектот на нашата работа не може да се мери. Ние не можеме да знаеме колку пожари сме спречиле, но велиме дека дури и ако сме спречиле еден пожар, сме спасиле нечиј живот, вели Бојковски.
Сепак, нагласуваат од Противпожарниот сојуз, има и ретки, но позитивни случаи во кои, на пример, претседателот на куќен совет спроведува вежба за станарите во случај на природна непогода. Има и случаи во кои управители на куќен совет за да ја заштитат опремата, ја складираат во подрумските простории. Ова, според Противпожарниот сојуз, не е неисправно бидејќи во случај на пожар нема време некој да се симнува во овие простории, но велат, луѓето бараат начин да ја заштитат опремата.
Нема интерес од заедниците на станари и управителите за мерките за заштита од пожари
И од Противпожарниот сојуз и од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје информираа дека неодамна по иницијатива на градоначалничката на Скопје била организирана работилница со цел на заедницата на станари и на управителите да им се укаже за мерките за заштита од пожари, но интересот бил многу мал.
- За жал, одѕивот не беше многу голем, но со управителите кои присуствуваа имавме дискусија и им беа укажани сите недостатоци кои ги воочуваме при нашите интервенции кои ни ја отежнуваат работата. Апелираме сите да ги преземат своите надлежности околу управувањето со влезовите, вели командантот на ТППЕ Томески.
Билјана Анастасова-Костиќ