• петок, 22 ноември 2024

Ставен под контрола пожарот кај Ралова Чука, екипи на ТППЕ Делчево остануваат на терен

Ставен под контрола пожарот кај Ралова Чука, екипи на ТППЕ Делчево остануваат на терен
Делчево, 24 јули 2022 (МИА) - Ставен под контрола пожарот кај месноста Ралова Чука во делчевското село Очипала. Пожарникарот Миле Тодоровски информираше дека екипи на ТППЕ Делчево остануваат на терен, бидејки депонијата за градежен шут, која се наоѓа на споменатата локација, и понатаму е подложна на самозапалување, поради различните видови градежен материјал што се наоѓа во нејзината внатрешност.
-Пожарот е ставен под контрола, но не е изгаснат целосно. Ние интервениравме со три противпожарни возила и со помош на машини на Јавното комунално претпријатие ,,Брегалница", направени се појаси за да не се прошири во околната борова шума, вели Тодоровски.
Тој додаде дека опасноста од проширување е присутна во секој момент заради што се дежура од екипи на ТППЕ Делчево.
-Таму има многу горлив материјал што тешко може да се угаси со вода. Поради тоа што пред два дена имавме и пожар во Разловци кој зафати борова и дабова шума, апелот е внимателно движење во шума, бидејќи има и забрана за движење, да не се фрлаат догорчиња од цигари и граѓаните да бидат крајно внимателни, за да не ни се случат пожарите од минатата година, додаде Тодоровски.
Пожарот кај Ралова Чука засега нема зафатено дрвна маса, а очекувањата на ТППЕ Делчево се дека најдоцна до утре пожарот целосно ќе биде изгаснат. вс/вг/

Остани поврзан