• сабота, 09 ноември 2024

ССМ ја презентираше новата мобилна алатка за пријавување на прекршени работнички права

ССМ ја презентираше новата мобилна алатка за пријавување на прекршени работнички права

Скопје, 23 април 2021 (МИА) – Работниците на кои им се прекршени работничките права во државата, ќе можат да пријават преку новата мобилна апликација на Сојузот на синдикати на Македонија, „ССМ – Мои работнички права“, а пријавите веднаш потоа ќе бидат проследени до Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

Апликацијата беше презентирана денеска од страна на ССМ и ДИТ, кои воедно потпишаа и Меморандум за соработка.

Како што изјави на денешната прес-конференција претседателот на ССМ, Дарко Димовски, Меморандумот има за цел унапредување на соработката меѓу овие две институции во насока на зголемување на ефикасноста и соработката во остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права, како и обезбедување директна правна заштита при пријавување прекршени работнички права.

Исто така, целта е и обезбедување директна правна заштита при пријавување прекршени работнички права, токму преку користење на новата мобилна алатка.

Оваа алатка е изработена со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Според Димовски, значајно за апликацијата е тоа што таа нуди можност и за пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и следење на вести и совети од ССМ од трудовото право, т.е. да не се прекршат работничките права кои се утврдени со закон и колективен договор.

-Апликација е направена преку проектот за зајакнување на социјалниот дијалог кој заедно со МОТ, и со вакво ребрендирано делување на ССМ, е наша заложба, определба и предизвик за претстојниот период во кој ќе настојуваме на сите работници на кои им се одземени и нарушени работничките права да можат на време да пријават, а ние како ССМ да интервенираме за да не поминат роковите за жалби до Државниот инспекторат за труд, па подоцна и до судовите, посочи Димовски.

Директорката на ДИТ, Јована Тренчевска на прес-конференцијата денеска посочи дека мобилната апликација која денес се промовира ќе биде дополнителна помошна алатка на граѓаните да пријавуваат повреда на некое нивно право од работен однос или здравје и безбедност при работа.

- Државниот инспекторат за труд и Сојузот на синдикатите на Македонија, подржани од страна на Меѓународната организација за труд и Европската Унија, во изминатиот период работеа на креирање на апликација преку која граѓаните на брз и едноставен начин, преку своите мобилни телефони ќе добијат директна информација за своите права, и можност за пријавување случаи кога се прекршуваат законите, изјави Тренчевска. Националниот координатор на МОТ во земјава, Емил Крстановски денеска додаде дека Меѓународната организација на трудот ги поддржува активностите во насока на целосно почитување на работничките права и доследна примена на меѓународните стандарди на трудот. -Заложбите на МОТ се иднина во која ќе постои универзална гаранција за трудот, односно работни места на кои се почитуваат на фундаменталните права при работа, безбедноста и здравјето при работа, се добива плата од која може пристојно да се живее и е ограничен максималниот број на работни часови, додаде Крстановски. Тој посочи оти се надева дека оваа соработка меѓу ДИТ и ССМ и користењето на новиот канал за пријавување на кршењето на работничките права ќе придонесат за зголемена доверба на работниците и почитување на нивните права. Мобилната апликација е достапна за Android и iOS и може да се преземе на следните линкови Google Play Store и App Store. Апликацијата е поддржана од Меѓународната организација на трудот и Европската Унија, преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог. бт/сст/ 

 

Остани поврзан