• понеделник, 23 декември 2024

Српски државјанин помогнат од македонски царински службеник криумчарел злато на Меѓународниот аеродром Скопје

Српски државјанин помогнат од македонски царински службеник криумчарел злато на Меѓународниот аеродром Скопје

Скопје, 16 август 2023 (МИА) - Поднесен е обвинителен акт од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Скопје против српски државјанин со турско потекло за криумчарење, како и против македонски царински службеник кој е обвинет дека му помогнал при извршувањето на делото.

Од Јавното обвинителство известуваат дека обвинетиот на 20 март пристигнал на скопскиот аеродром со лет од Истанбул и избегнувајќи ја царинската контрола, пренел 43,13 килограми разновиден златен накит во проценета вредност од околу 2.200.000 евра. Со отстранување на пречките за извршување на кривичното дело со умисла му помогнал обвинетиот царински службеник, кој во тој момент не бил на должност.  

Како што соопштија, цариникот го пречекал странскиот државјанин во делот пред пасошката контрола и се обидел да му помогне да ја избегне царинската контрола, насочувајќи го најпрвин кон „зелениот“ коридор за багаж без стока за пријавување. Меѓутоа, тој коридор бил затворен со безбедносна лента, а сите патници биле насочени кон „црвениот“ коридор за контрола и кон скенерот. Непочитувајќи го ваквото насочување, царинскиот службеник ја поместил безбедносната лента, заедно со обвинетиот ја поминал царинската линија и се упатил кон излезот на аеродромот. Во тој момент интервенирале други царински службеници, по што обвинетите биле запрени, а при претресот на багажот бил пронајден вредниот златен накит.

Заедно со обвинителниот акт за кривичното дело Криумчарење според член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, јавниот обвинител поднел и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, бидејќи сѐ уште постојат законските основи поради кои таа мерка првично им била определена. сан/са/

 

Остани поврзан