• вторник, 16 јули 2024

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица

Скопје, 15 јули 2024 (МИА) - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими Томица Стојановски, претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Васко Марков, член на Извршниот одбор на Сојузот, и толкувачката на знаковен јазик, Лиза Велковска.

Како што информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова, претставниците на Сојузот на средбата ја информираа претседателката со нивните тековни активности со кои ги остваруваат правата и потребите на околу седум илјади луѓе со оштетен слух.

-Истакнаа дека организацијата во континуитет се залага за подигнување на свеста за постоење на оваа група граѓани и нивно прифаќање во општеството и во социјално-културниот живот. Во насока на полесна едукација и вработување на лицата со оштетен слух, од Сојузот посочија дека организираат и спроведуваат обуки за изучување на знаковниот јазик, како и дека поттикнуваат иницијативи за поголема примена на знаковниот јазик. Во државата, според нив, има 38 сертифицирани толкувачи на знаковен јазик, коишто на луѓето со оштетен слух им ја олеснуваат комуникацијата со институциите, се наведува во соопштението. 

Искажувајќи поддршка за сите нивни заложби, претседателката Сиљановска-Давкова, стои во соопштението, „истакна дека Кабинетот и таа лично безрезервно ќе соработуваат со Националниот сојуз со крајна цел – поголема афирмација и примена на знаковниот јазик, кој на глувите и наглуви лица им е потребен во секојдневната комуникација“.

-На тој начин, потенцираше Сиљановска-Давкова, ќе се зголеми социјалната инклузија на оваа ранлива група наши сограѓани, информира Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова. хс/са/

Фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан