• вторник, 24 декември 2024

Спасовски со „Отворен кабинет“ во ОВР Крива Паланка: Постигнавме намалување на криминалитетот за 29 отсто

Спасовски со „Отворен кабинет“ во ОВР Крива Паланка: Постигнавме намалување на криминалитетот за 29 отсто

Kрива Паланка, 29 септември  2023 (МИА) - Постигнавме намалување на криминалитетот за 29 отсто и зголемување на откривачката функција околу шверцот со дрога за 33 проценти, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по денешната посетата на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка остварена во рамки на серијата посети со проектот „Отворен кабинет“.

Со овој проект се опфатени сите Сектори за внатрешни работи, вклучувајќи ги и Одделенијата за внатрешни работи низ државата.

Спасовски оствари и средби со граѓаните во ОВР Крива Паланка при СВР Куманово, како дел од веќе утврдениот концепт „МВР за граѓаните“.

Целта на ваквите средби, нагласи Спасовски, е да се слушнат мислењата и идеите на граѓаните како полицијата да придонесе за уште поголем спокој на секој поединец, за уште поголема безбедност на заедницат, нагласувајќи ја можноста во текот на овие посети да се запознае поконкретно со реализираните активности и постигнатите резултати во тековната година, но и да се зацртаат целите за следниот период.

-Серијата на посети во рамки на проектот „Отворен кабинет“ ја продолжуваме тука, во ОВР Крива Паланка во рамки на СВР Куманово, каде остварив работна средба со раководството и бев запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Куманово и ОВР Крива Паланка, состојбите со криминалитет и активностите што ги превземаат полициските службеници во насока на намалување на стапката на криминалит во приоритетните области, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел - подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните. Вкупниот криминалитет на подрачјето на СВР Куманово во изминатите осум месеци од 2023 година, споредбено со истиот период претходната година, бележи намалување за 17 отсто. Во делот на класичниот криминалитет бележиме намалување на овој вид кривични дела за 11 отсто, рече Спасовски.

Информира дека на подрачјето на СВР Куманово во изминатите осум месеци биле издадени повеќе од 19.000 платни налози, од кои најмногу за возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, а реализирани се 689 превентивни настани на различни теми.

- На подрачјето на ОВР Крива Паланка во 2023 година, компаративно со истиот период лани, евидентирано е намалување на вкупниот криминалитет за 29 отсто, во делот на недозволена трговија со дрога и оружје откривачката дејност е зголемена за 33 проценти во споредба со анализираниот период во 2022 година, а намалување за бележи и областа на класичниот криминалитет за 8 отсто и за 6 проценти се намалени сообраќајните незгоди со потешки последици. Исто така, во текот на 2023 година ОВР Крива Паланка реализираше 183 превентивни настани, информира министерот Спасовски.

Објектот на ОВР Крива Паланка е еден од првите досега 81 реконструирани објекти, на МВР со цел подобрување на работните услови за припадниците на МВР.

Заедно со градоначалникот на Општина Крива Паланка,Сашко Митовски, министерот Спасовски го посети средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, каде ја продолжи кампањата наменета за средношколците „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“, која МВР ја започна во скопската Гимназија „Јосип Броз Тито“, како дел од превентивните активности министерството. ид/цр

Фото :МВР

Видео: МИА

Остани поврзан